Девојка тајно донирала бубрег за татко ѝ, откако тој пробал да ја спречи: „Сакав да помогнам, не ми беше гајле дали ќе се лути“
- Детали
- четврток, 02 март 2023
Девојка без двоумење го донирала својот бубрег за татко ѝ, но во тајност бидејќи тој бил загрижен за неа и ѝ рекол да не ризикува. Пред 15 години, тој го изгубил синот од рак и стравувал дека може да ја изгуби и ќерка си.
Трансплантацијата на орган може да значи живот, но неретко е тешко да се најде погоден донор.
Истовремено, листата на чекање може да биде навистина долга, а во некои случаи пациентите навистина немаат време за чекање.
25-годишната Дилејн Ивановски од САД била свесна за ова кога нејзиниот татко бил дијагностициран со хронична болест на бубрезите, поради што му била потребна трансплантација.
Обично, децата можат да бидат погодни донори за нивните родители, но таткото на Дилејн не сакал ќерка му да си го ризикува животот за него.
Наместо да го послуша, Дилејн, која е медицинска сестра одлучила тајно да го донира својот бубрег.
„Си помислив ’Ќе го донирам бубрегот, без разлика колку ќе ми се лути‘. Тогаш барем ќе има подобар живот и нема да има потреба постојано да биде приклучен на машина“, вели таа за ABC News.
Дилејн открива дека лекарите му кажале на Џон дека нема да живее долго без трансплантација. Тој одел и на дијализа трипати неделно, а секој третман траел најмалку три часа.
И покрај лошата прогноза, Џон бил загрижен за последиците од операцијата доколку ќерка му му го донира бубрегот. Оваа помисла го плашела уште повеќе бидејќи пред 15 години, другото дете му починало од рак.
„Го изгубив син ми и ако нешто ѝ се случи на Дилејн, не знам што би правел. Бев многу загрижен“.
Но, кога лекарите утврдиле дека Дилејн е погоден донор, зборовите на татко ѝ не можеле да ја премислат.
Операцијата била направена на 16-ти февруари, а лекарите до последно криеле од Џон дека донорот е всушност ќерка му.
Следниот ден, Дилејн влегла во болничката соба на татко ѝ со систем во раката, и тогаш тој сфатил што се случило. Емотивниот момент е споделен и на ТикТок.
„Веднаш знаев дека е таа. Бев шокиран. Сепак, сега не би променил ништо, се чувствувам многу подобро“.
https://www.tiktok.com/@delayne_i/video/7201520420359638314
Покрај донираниот бубрег, Дилејн успеала да собере и пари од донации за операцијата бидејќи осигурувањето на Џон не ја покривало.
„Како негова ќерка, знам колку многу жртвувал за мене во овие 25 години. Па, ќе направам сè во моја моќ за да му помогнам во овој стресен период“, вели таа.
Спирова С. | Црнобело