„Бев готвачка на јахта за богаташи – трпев сексуално вознемирување од гостите, размислував за самоубиство“
- Детали
- сабота, 25 февруари 2023
Жена која пред неколку години била готвачка на јахта за богаташи открива морничави детали за работното место кое мислела дека ќе биде убава авантура – работела 18 часа на ден, трпела сексуално вознемирување од богатите гости, а поради стресот драстично ослабела и почнала да размислува за самоубиство.
Мелани Вајт во 20-тите години од животот работела како готвач на суперјахта за богаташи.
Иако на почетокот била убедена дека ова е нејзината работа од соништата, ужасните услови и стресот не само што ѝ предизвикале депресија, туку ја натерале и да размислува за самоубиство.
30-годишната Мелани, која денес живее во Лондон, го споделува своето трауматично искуство во книга насловена Behind Ocean Lines.
Во книгата, таа открива дека работела 18-часовни смени 11 месеци во годината, а сексуалното вознемирување од страна на богатите гости било мошне често и никој не преземал ништо во врска со тоа.
„Кога маж ме допре без моја дозвола, почувствував страв и осаменост како никогаш претходно. Им кажав на двајца луѓе што се случи и воопшто не беа шокирани. Не ме сожалуваа, не ни сакав, но ми дадоа поддршка“, пишува Мелани.
Пред да почне да работи на јахта, Мелани била уредник, но повеќе не можела да ја поднесе монотоноста од работа во канцеларија.
Преку нејзиното момче успеала да најде работа на луксузна суперјахта и истакнува дека земала одлична плата. Покрај тоа, трошоците за храна и сместување ѝ биле покриени, а ова ѝ овозможило да заштеди голема сума додека работела на јахтата.
Сепак, набрзо сфатила дека високата плата е далеку од најважното нешто.
Мелани вели дека морала да работи во мала кујна, а поради лошиот распоред и движењето на јахтата, врз неа постојано паѓале работи.
„Секој ден имав барем пет нови модринки. Постојано се удирав од рабови и кујнски елементи“.
Но, ова не бил единствениот проблем – пред јахтата да заплови, Мелани морала да испланира оброци за две недели и да ги купи потребните намирници. Бидејќи фрижидерот бил многу мал, се снаоѓала како знаела.
Уште поголем проблем биле богатите гости.
Мелани вели дека имале превисоки очекувања, па таа немала време за одмор бидејќи морала да ги исполнува сите нивни барања.
Во една прилика, гостите се жалеле и за температурата на океанот.
„За богатите, одлична услуга е кога туш-кабината е сува, само пет минути откако ќе се истушираат. Кога пешкирот за раце е здиплен и во мијалникот нема ни капка вода веднаш откако ќе измијат раце“, пишува Мелани за да ги објасни нереалните очекувања на гостите од вработените.
Поради стресот, Емили драстично ослабела, а бидејќи немала време да се грижи за себе, не пиела доволно течности поради што добила инфекција на бубрезите.
Бидејќи состојбата ѝ се влошувала, родителите ја убедиле да се врати дома, по што ѝ биле препишани антидепресиви. Овој период, Мелани почнала да размислува и за самоубиство.
„Овој конечен, очаен збор – ’самоубиство‘ – ме плашеше толку многу, што кога се туширав, пуштав врела вода за да си ги оттргнам мислите од него“.
На почетокот Мелани била сигурна дека работата на јахта ќе биде авантура, можност да го прошета светот. Но, како што вели самата, добила искуство што ја скршило.
„Станав сенка од личноста којашто бев“, вели таа.
Денес Мелани се чувствува многу подобро, а вели дека ја напишала книгата не само за да ја разоткрие мрачната страна на индустријата, туку и со надеж дека ќе му помогне на некој друг кој е во слична положба.
Спирова С. | Црнобело