Кои земји имаат најстроги закони за абортус?
- Детали
- среда, 15 февруари 2023
Абортусот е лична работа, а нашите мислења за него се формирани од нашите најфундаментални морални, емоционални, религиозни, политички и етички верувања. Во некои земји од светот, абортусот е легален, но во многу не е и има многу строги закони.
Според Светската здравствена организација, годишно во светот се изведуваат приближно 73 милиони абортуси, при што 61% од сите несакани бремености и 29% од сите бремености, завршуваат со абортус.
Се вели дека околу 45% од сите абортуси се небезбедни (изведени без надзор од медицинско лице), од кои 97% се случуваат во земјите во развој.
Додека потезите за легализирање на абортусот во земји како Аргентина, Ирска, Мексико и Колумбија во последните неколку години беа огромна победа за глобалната заедница, постојат знаци дека САД не се во чекор со напредокот што светот го прави за заштитата на сексуалните и репродуктивните права на жената.
Има 23 земји каде што абортусот е целосно забранет, без исклучоци
Списокот ги вклучува овие попознати земји: Ирак, Филипини, Лаос, Сенегал, Ел Салвадор, Хондурас, Хаити и Доминиканска Република.
Околу триесетина други земји го дозволуваат абортусот за да се спаси животот на мајката
Овој список ги вклучува и познатите земји Нигерија, Бразил, Венецуела, Иран, Авганистан и Мјанмар.
Сенегал го забранува абортусот, но постои кодекс на медицинска етика
Овој кодекс го дозволува абортусот доколку тројца лекари се согласат дека е потребен за да се спаси животот на една жена.
Неретко овие правила ги принудуваат жените да бараат нелегални абортуси, без медицински надзор, кои можат да бидат опасни по нивните животи.
Ел Салвадор има некои од најстрогите закони за абортус во светот
Процедурата е забранета без исклучок од 1973 година. Повеќе од 180 жени кои доживеале акушерски итни случаи биле кривично гонети за абортус или тешко убиство во изминатите 20 години.
На жените во Малта им е забранет абортусот, дури и ако нивните животи се во опасност
Малта е единствената земја-членка на Европската Унија која целосно ја забранува постапката. Жените кои абортираат се соочуваат со три години затвор.
Во некои случаи, жената може да добие дозвола за абортус, но само ако станува збор за вонматерична бременост.
Во јануари 2021 година, Полска воведе нов закон за абортус
Во Полска стапи на сила закон со кој се забрануваат абортуси, освен ако е загрозен животот на мајката или бременоста е резултат на силување или инцест.
Во Обединетите Арапски Емирати, абортусот е нелегален
Исклучок е ако бременоста го загрози животот на жената или има докази дека бебето нема да преживее. Жените би можеле да се соочат со казна затвор до една година и голема парична казна.
Жените кои бараат болничко лекување поради спонтан абортус, може да бидат обвинети за обид за абортус ако не можат да докажат дека станува збор за спонтан абортус.
M. Г. | Црнобело