Ги знае сите тајни на кралицата, но никогаш нема да ги каже – Ќе добие ли отказ човекот што 44 години ѝ беше десна рака?
- Детали
- недела, 18 септември 2022
Велат дека високиот Пол ги знае сите тајни на кралицата Елизабета Втора, но никогаш нема да ги каже. Од друга страна, пак, вработените во Бакингемската палата стравуваат дека наскоро ќе добијат отказ затоа што потпишале договор што истекува 6 месеци по смртта на кралицата. Што ќе се случи со човекот што ѝ беше десна рака на кралицата?
Со години наназад членовите во персоналот на кралицата се менувале, но тој остана симбол за лојалност.
За него велат дека е „чувар на тајните на кралицата“, а долги 44 години работеше за неа и беше нејзина десна рака.
Во моментов Бакингемската палата има околу 102 вработени, а дел од нив стравуваат дека ќе добијат отказ како што тоа се случи со вработените на принцот Чарлс, кој им врачи откази на 100 лица од неговиот персонал, додека траеше црковната служба за кралицата.
Што ќе се случи со човекот што 44 години ѝ беше десна рака на кралицата и што знаеме за него?
Пол Вајбру (63), еден од единствените тројца членови на кралската послуга што беа поканети за време на пренесувањето на ковчегот на кралицата од Бакингемската палата во Вестминстер е нејзиниот долгогодишен асистент и човекот што ѝ беше десна рака.
Со својата височина од 193cm тој го носи прекарот „високиот Пол“, а тоа е човекот што беше до кралицата за време на сите семејни кризи, проблеми и неволји.
Со својата служба долга 44 години важи за човекот што најдолго време бил вработен во кралската палата, а за тоа доби и медал.
Никој не верува дека „високиот Пол“ некогаш ќе излезе во јавност и ќе каже некоја од тајните на Елизабета, како што тоа го направи втората личност во која таа имаше најголема доверба – нејзината лична стилистка Анџела Кели.
Кели, веќе има договор за трета книга каде ќе ги открива тајните од својот живот како лична асистентка на кралицата.
Велат дека Пол знаел дека може да прифати работа каде ќе посака за поголема плата, но никогаш не го направил тоа, затоа што знаел дека неговото место е до кралицата и дека таа му верувала целосно и знаела дека дискретниот и лојален асистент никогаш нема да ги открие нејзините тајни.
Во кралската палата почнал да работи на возраст од само 19 години во 1977-та година. Тој бил сведок на сите среќни, но и несреќни случувања во семејството.
Знае сè за тоа што се случувало зад затворени врати во Бакингемската палата: од распадот на бракот на Чарлс, до случувањата поврзани со Меган и Хари.
Пол бил човекот што го задржал натрапникот кој во 1982-ра година провалил во Бакингемската палата и влегол до креветот на кралицата која спиела.
Според сведоштвото, Пол го однел Мајкл Фаган во оставата и го чувал таму додека да пристигне полицијата.
За сите години служба Пол жртвувал многу, останал неоженет, не засновал семејство и целосно се посветил на тоа да биде до нејзиното височество.
Најверојатно, во знак на лојалност и почит за довербата што првенствено му била укажана.
Тој во палатата почнал да работи како помошен слуга, но велат дека кралицата го унапредила веднаш штом видела дека тој знае добро да се грижи за нејзините кучиња.
По ова почнал да работи заедно со батлерот Пол Барел, кој потоа станал батлер на Дијана, а за да ги разликуваат двајцата главни батлери во палатата (со исто име) почнале да ги користат прекарите „високиот Пол“ (на Елизабета) и „малиот Пол“ (на Дијана).
Тој добил свои простории во палатата, а дури и се појави во промотивното видео од 2012-та година за Џејмс Бонд, со кралицата, што беше емитувано на Олимписките игри.
Што ќе се случи со Пол по смртта на кралицата никој не знае.
Британските медиуми пишуваат дека персоналот во Бакингемската палата стравува дека најверојатно ќе добијат отказ, како што тоа се случи со персоналот на Чарлс, затоа што потпишале договор кој истекува 6 месеци по нејзината смрт.
Во моментов во Бакингемската палата има вкупно 102 вработени и велат дека неминовно е некои од нив да добијат отказ, но дали Пол ќе биде меѓу нив сè уште не се знае.
Б. С. Б. | Црнобело