„Живеам во изолирано селце во Алјаска – температурите се до -36ºС, до маркет патувам со авион“
- Детали
- петок, 18 февруари 2022
„Нештата што на другите места се секојдневие, за мене се посебни“ – вели Салина која раскажува како изгледа да живеете во изолирано селце на Алјаска каде во зима температурите може да се спуштат и до -36 степени, а најблискиот маркет е на 300km.
Салина Алсворт живее во малото изолирано гратче Порт Алсворт во Алјаска, каде работи како контролор за летови во компанијата за воздушно такси на нејзиното семејство.
Таа во сторија за Insider раскажува како изгледа нејзиниот едноставен живот во ова мало селце и како работите што за останатите жители во светот се секојдневие (достава на пошта и достава на храна) за неа се нешто што со нетрпение го очекува.
До селцето Порт Алсворт кое има помалку од 200 жители се стигнува само со авион, а најблиската продавница е на околу 320 km оддалеченост, во Енкориџ.
Салина вообичаено денот го започнува во 6.45 наутро и почнува да се подготвува. Во лето сонцето е веќе изгреано, но во зима треба да поминат уште неколку часа за да ги види првите сончеви зраци, доколку временските услови воопшто дозволат тие да продрат.
„Со оглед на тоа што живеам на само неколку минути од компанијата за воздушно такси на моето семејство, каде помагам во зимскиот период, вообичаено повеќе време ми треба да се облечам во панталоните за снег, јакната, шапката и ракавиците, отколку што ми треба за да стигнам на работа“ – вели Салина.
Таа појаснува дека во летниот период околните селца во Алјаска се поврзани со брод, а во зима со помош на моторни санки луѓето се движат преку замрзнатите езера и тундри.
„Но, за да одите до и од Енкориџ за посета на лекар, за да купите храна или само за да се прошетате низ маркет, мора да патувате со авион или воопшто да не патувате“ – вели таа.
Луѓето ги користат авионите на нејзината семејна компанија за најразлични потреби: како јавни автобуси, приватни лимузини, поштенски камиони, за набавка на храна, за медицински потреби, па дури и за достава на пица.
По завршувањето на работното време во воздушното такси, Салина се упатува во поштата која се наоѓа на другиот крај од селцето, или околу 1,5 km од нејзиниот дом.
За да стигне таа треба да помине низ две активни авионски писти, каде освен авиони има и моторни санки, автомобили и автоматизирани возила за транспорт.
„Во зима, дури и за ова кратко патување треба да се облечете како да одите на експедиција на Арктикот, затоа што температурите може да паднат до -36 степени Целзиусови“ – вели таа.
Салина вели дека го сака својот живот во изолираното селце во Алјаска, а особено се радува кога ќе добие пошта, затоа што се чувствува како да е Божиќ.
„Го сакам мојот изолиран живот на Алјаска, но некогаш копнеам за работите што луѓето можат да ги купат на само неколку метри од дома: свежо овошје или достава на храна – тоа е редок луксуз за мене“ – вели таа.
Сестрата на Салина, која работи во канцеларијата на воздушното такси во Енкориџ честопати знае да ја изненади и да ѝ испрати храна од достава по авион, па како што вели, иако некогаш може да се случи пратката да ја добие и по два дена, таа мошне ѝ се радува.
„Се радувам што живеам во ова мало место, каде нештата што на други места се секојдневни, за мене се посебна радост“ – вели таа.
Инаку, Салина има и свој профил на Инстаграм каде редовно споделува фотографии од своето секојдневие, погледнете дел од нив:
Б. С. Б. | Црнобело