Чувар уништил слика од 750.000 долари - му било здодевно и им нацртал очи на фигурите
- Детали
- четврток, 10 февруари 2022
Чувар во уметничка галерија во Русија оштетил слика вредна над 750.000 долари, само затоа што му било досадно за време на неговата смена. Ова се случило на неговиот прв работен ден во галеријата.
Во уметничка галерија во Екатеринбург, Русија, била оштетена слика од уметницата Ана Лепорскаја. Станува збор за делото Three Figures, направено во периодот 1932-1934 година, чија вредност се проценува на повеќе од 750.000 долари.
Сликата ја оштетил новиот чувар во галеријата кој нацртал очи на трите фигури само затоа што му било досадно. Наводно, тој ги доцртал очите со пенкало, и тоа на првиот работен ден.
Од галеријата не го откриваат идентитетот на чуварот, но наводно има 60-тина години и работи за приватна компанија за обезбедување. Се разбира, чуварот веднаш бил избркан од работа.
Новите очи на сликата ги забележале двајца посетители во декември минатата година. Набрзо потоа, сликата била испратена кај експерти кои успеале да ги отстранат очите без да го оштетат делото. Реставрацијата на сликата чинела над 2.500 евра.
Полицијата отворила и истрага за вандализам во врска со случајот и можно е чуварот да добие висока парична казна.
Инаку, уметницата Ана Лепорскаја е родена во 1900 година, а починала во 1982-ра. Била ученичка за познатиот руски артист Казимир Малевич, а соработувала со многу звучни имиња од областа на уметноста.
Голем дел од нејзините дела се наоѓаат во колекцијата на Рускиот музеј во Санкт Петербург.
Спирова С. | Црнобело