Пар од Англија прослави 81 година од свадба – на 100 години уште се вљубени, ја откриваат тајната за успешен брак
- Детали
- петок, 14 јануари 2022
Рон и Џојс се прогласени за најдолго венчаниот пар во Велика Британија – во брак се дури 81 година. Лани, пак, добиле и честитка од кралицата која била воодушевена од нивната приказна.
Рон Бонд има 102 години, а неговата сопруга Џојс – 100. Неодамна тие ја прославија 81-вата годишнина од нивната венчавка, со тоа станувајќи најдолго венчаниот пар во Велика Британија.
Рон и Џојс живеат во гратче во Англија, а се венчале на 4-ти јануари, во далечната 1941 година.
Интересно е што кога стапиле во брак, нивните пријатели биле убедени дека нема да издржат долго, но сега, осум децении подоцна, е повеќе од јасно дека им го докажале спротивното.
Парот има две деца, а веќе имаат и пра-правнуци, и велат дека тајната за нивниот долг брак е едноставна – секогаш се грижат еден за друг.
„Никогаш не помислувавме дека ќе ја дочекаме 81-вата годишнина од нашиот брак. Знаеме дека сме благословени што ја постигнавме оваа неверојатна цел. Се чувствуваме одлично.
Во нашата врска нема главен - и двајцата даваме подеднакво“, изјави Џојс во интервју за BBC Radio 2.
На денот на венчавката Џојс имала 19, а Рон 21 година. Двајцата велат дека се вљубиле на прв поглед.
Нивните деца, пак, велат дека тие им се пример за тоа како треба да изгледа еден среќен брак.
„Моите родители се навистина инспиративен пар. Не само за мене и брат ми, туку и за нивните внуци, правнуци и пра-правнуци. Периодот кога се венчале, нивните пријатели сметале дека набрзо ќе се разделат, но навистина погрешиле, зарем не?
Доволно е да поминете малку време со нив за да сфатите колку многу се сакаат и колку се грижат еден за друг, дури и по 81 година во брак“, вели ќерка им Ајлин.
Рон, пак, вели дека и во нивниот брак нештата не се совршени:
„Некогаш животот е тежок, но секогаш успеваме да го надминеме тоа. Исто така, многу се грижиме еден за друг“.
Минатата година, дури и кралицата Елизабета дознала за нив, па решила да им испрати честитка по повод 80-тата годишнина.
„Колку е прекрасно што дознав за вашата 80-та годишнина на 4 јануари 2021-ва. Се надевам дека ќе уживате во оваа прекрасна прилика“, гласи пораката во честитката.
Рон и Џојс дефинитивно се инспиративен пар кој докажува дека вистинската љубов не згаснува, без разлика колку години поминале.
Спирова С. | Црнобело