Сириец со Даунов синдром руши стереотипи – има прекрасна сопруга и син на пат да стане стоматолог (фото)
- Детали
- понеделник, 10 јануари 2022
Џад Иса од Сирија ги руши стереотипите за лицата со Даунов синдром – тој самиот е роден со ова нарушување, а и покрај тоа што никој не верувал дека ќе успее во нешто, Џад е вработен повеќе од 25 години, во среќен брак е и има син кој е на пат да стане заболекар.
Факт е дека постојат многу митови за луѓето со Даунов синдром, но денес сè повеќе го слушаме и нивниот глас и постепено се ослободуваме од стереотипите.
Луѓето со Даунов синдром одново и одново ни покажуваат дека можат да имаат и заслужуваат живот како сите останати, како и дека се способни за многу, многу нешта.
Иако стигмата сè уште постои, на јавноста ѝ станува јасно дека ова нарушување иако носи свои предизвици, сепак не е пречка една личност да си ги исполни своите соништа и цели.
Одличен пример за ова е Џад Иса од Сирија.
Според Глобалната фондација за лица со Даунов синдром, еден од најраспространетите митови за овие луѓе е дека не можат да имаат деца.
Од Фондацијата истакнуваат дека иако родителството за овие лица може да биде поголем предизвик, тоа не значи дека е невозможно.
Истовремено, иако постари истражувања покажале дека мажите со Даунов синдром се неплодни, од Фондацијата велат дека денес се докажува спротивното со приказни слични како онаа на Џад Иса.
Џад има Даунов синдром и е татко на едно дете. Тој е во среќен брак со неговата сопруга, а денес нивниот син Садер студира и наскоро ќе стане заболекар.
Џад и сопругата се запознале кога тој почнал да работи во локална фабрика. Речиси веднаш се вљубиле еден во друг, а набрзо откако се венчале, го добиле и синот Садер.
Тогаш Џад се заколнал дека ќе му го даде најдобриот живот на неговиот син и ќе направи сè во негова моќ за да успее во тоа.
Уште додека Садер бил бебе, Џад почнал да штеди пари за да може да го запише на факултет. Тој минувал и многу време со синот и честопати уживале во забавни активности.
Денес Садер е на студии и се подготвува да стане заболекар, а татко му ја користел секоја можност со гордост да се пофали за тоа.
Садер, пак, вели дека неговиот татко е главната причина зошто го следел својот сон по секоја цена.
„Мислам дека не би бил толку восхитен од животот и дека немаше да работам со толку страст ако го немав татко ми“.
Садер е и поборник за правата на лицата со Даунов синдром и користејќи ја неговата лична приказна, се обидува да ги сруши стереотипите за овие лица.
Во октомври, месецот за подигање на свеста за Дауновиот синдром, Садер сподели емотивна порака со кој одлично ја опишува ситуацијата на луѓето како неговиот татко, но и покажува зошто е време да заборавиме на голем дел од митовите.
„Одбрав неколку фотографии кои покажуваат дека е речиси невозможно да предвидите за што е способна некоја личност, без разлика во какви околности е родена.
На горната лева фотографија татко ми има околу три години и за него немале високи очекувања. Горната десна фотографија е кога имаше 18 години и веќе почнал да ги менува предрасудите за неговите способности бидејќи почнал да оди на работа. Многу луѓе мислеле дека не бил способен за физичка работа, но тој го работи ова над 25 години.
Долната лева фотографија е 6-7 години подоцна и покажува дека тој се има променето многу. Многумина мислеле дека нема да стапи во брак, а ако се венча, дека нема да може да биде татко.
Последната фотографија е околу 42 години по првата и мислам дека зборува сама за себе – покажува дека луѓето со Даунов синдром можат да бидат успешни и прекрасни и дека ништо не е невозможно без разлика колку тешко ни изгледа“.
https://www.instagram.com/p/CGCc2vjFfkQ/