Идната кралица блеска – Кејт Мидлтон со 3 нови роденденски портрети на кои покажува безвременски гламур (фото)
- Детали
- недела, 09 јануари 2022
Три нови фотографии од војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон, беа објавени денес по повод нејзиниот 40-ти роденден, со кои им оддаде суптилна почит на принцезата Дијана и на кралицата Елизабета.
На портретите направени од страна на италијанскиот моден фотограф, Паоло Роверси, војвотката носи различни фустани од дизајнерот Александар Меквин, пренесуваат британските медиуми.
Овие нови фотографии покажуваат како таа сака да се претстави на 40 години, односно да зрачи со безвременски гламур и естетика.
Освен тоа, таа на суптилен начин им оддаде почит на мајката и бабата на нејзиниот сопруг, принцот Вилијам.
На црно-белата фотографија, таа позира во традиционална поза, а на неа блескаат дијамантските обетки со висечки бисер, кои припаѓале на покојната принцеза Дијана.
На другата фотографија, војвотката зрачи во гламурозна, црвена тоалета, а стајлингот е надополнет со блескави дијамантски обетки кои ѝ припаѓаат на 95-годишната кралица Елизабета.
Таа често покрај нејзиниот сафириен веренички прстен, изгледот го надополнува со накит наследен од принцезата Дијана и од кралицата, со што им оддава суптилна почит во јавност.
Портретите ќе бидат изложени на три локации кои Кејт самата ги одбрала и имаат посебно значење за неа. Беркшир, Сент Ендрјус и Енглси.
Беркшир е област од нејзиното детство каде што пораснала, додека Сент Ендрјус е местото каде што студирала и ја започнала врската со нејзиниот сопруг. Енглси е местото каде што парот живеел заедно непосредно пред и на самиот почеток на бракот.
По изложувањето, портретите ќе бидат сместени во постојаната колекција на Националната галерија на портрети. Достојно за една идна кралица, нели?
(О)Милена | Црнобело