Кучиња во пижами им ја разубавија празничната сезона на дечиња во болница во Тексас (фото)
- Детали
- понеделник, 03 јануари 2022
Ако возрасните не можат добро да се справат со хоспитализација, па замислете само како се чувствуваат дечињата кои се во ваква положба. Но, вработените во детска клиника во Тексас добиле одлична идеја за тоа како да им ја разубават празничната сезона на болните дечиња – им донеле четири кучиња.
Вработените во клиника за деца во Тексас им приредија прекрасно изненадување на болните дечиња кои морале да го поминат Божиќ во болничка соба.
Само неколку денови пред католичкиот Божиќ кој се слави на 25-ти декември, вработените донеле четири кучиња со цел да им ја разубават празничната сезона на болните дечиња.
Четирите кучиња од расата златен ретривер, облечени во слатки карирани пижами, навистина ги развеселиле децата на одделот за трансплантација и неврологија.
Според родителите на хоспитализираните дечиња, малите пациенти биле пресреќни и ништо не ги тргало насмевките од нивните лица.
Ова слатко изненадување навистина им помогнало да си го одвлечат вниманието од стресниот период и да се релаксираат за празниците.
Наводно, кучињата се дресирани како дел од програма чија главна цел е да ја подобри емотивната состојба на хоспитализираните пациенти, без разлика дали се возрасни или деца.
„Нивниот тренинг е дизајниран така што ја подобрува состојбата на пациентите во болница и нивните семејства. Кучињата за терапија им даваат поддршка на оние на кои им е тешко да се привикнат на престојот во болница и оние кои тешко се справуваат со новата дијагноза или медицинската процедура“, откриваат од болницата во Тексас.
Наводно, кучињата се со „полно работно време“ и секогаш се достапни да им го подобрат расположението на луѓето кои минуваат низ тежок период.
А, според фотките од среќните дечиња, кучињата дефинитивно одлично си ја вршат работата.
Овој прекрасен гест е доказ дека некогаш е потребно навистина малку за да се разубави нечиј ден.
Спирова С. | Црнобело