Разурнувачката моќ на торнадото одблиску – сцени од катастрофата во САД што ќе ве наежат (фото+видео)
- Детали
- петок, 17 декември 2021
Потресните фотографии од последиците од неколкуте торнада што ги погодија централните и јужните делови на САД многу добро ја прикажуваат суровоста на природата и нашата немоќ да се справиме со неа.
Минатата недела, централните и јужните делови на САД беа погодени од торнада кои покрај огромната материјална штета, беа причина и за смртта на над 80 лица. Властите стравуваат дека бројката на загинати можеби е многу повисока.
Едно од најпогодените места е Кентаки каде што ветриштата срушиле фабрика за свеќи, заробувајќи неколку работници.
Истовремено, погоден бил и склад на Амазон во Илиноис, како и дом за стари лица во Арканзас каде што имало многу жртви.
На социјалните мрежи се објавени многу фотки од последиците од разурнувачките торнада, а најмногу внимание привлече објавата на Шон Триплет од гратчето Мејфилд во Кентаки.
Шон ги сподели фотографиите на Редит, а подоцна во коментарите на објавата појасни дека неговиот град бил погоден од торнадо кое се движело со брзина од над 267 километри на час.
Последиците од неговата разорна моќ се страшни. Од фотографиите и самите ќе забележите дека огромен број градби се буквално срамнети со земја, автомобилите се искршени и речиси да нема дрво што го „преживеало“ пустошот.
„Ова торнадо ја предизвика најголемата штета што сум ја видел. Порано бев војник во Блискиот Исток и можам да кажам дека штетата од торнадото е полоша од сè што сум видел во кариерата“, напиша Шон.