Учителка од САД посвои ученичка што живеела без родителска грижа: „Штом ја видов знаев дека таа ќе биде моја ќерка“
- Детали
- вторник, 14 декември 2021
„Јас велам дека мајка ѝ премногу ја сака затоа што дозволи таа да биде посвоена и да ја добие потребната грижа“ – вели учителката што ја посвоила малата Лорали, откако девојчето поминало неколку години во згрижувачки домови за деца без родители.
Малата Лорали Хенри има само 9 години, а речиси половина од сопствениот живот го поминала во згрижувачки домови.
Околу 4 години од животот малото девојче ги поминало без родителска грижа. Таа била предадена на системот од страна на нејзината мајка, која не можела да се грижи за неа.
„Бев во згрижувачки дом кога имав 4 години. Потоа повторно ме вратија кај мојата биолошка мајка кога имав 5 години. Па повторно ме вратија во дом кога имав 6 години.
Беше страшно. Не знаев што можам да очекувам во другите домови и дали воопшто ќе добијам храна. Не знаев што да правам.
Па си мислев: ’Што треба да направам: Дали навистина некој ме чека? Бев мошне уплашена. Сè додека не ја запознав мојата мајка. Мојата учителка во второ одделение‘“ – раскажува Лорали.
Зои Хенри е учителка од Калифорнија, САД. Таа во моментов е самохрана мајка, а вели дека немала намера да посвои дете.
„Таа дојде на мојот час и само што ја погледнав – нејзините пеги на лицето, нејзиниот белег. Знаев дека веднаш ќе ја посвојам. Таа е моја ќерка. Од мигот кога ја видов“ – вели Зои.
Зои раскажува дека очекувала други семејства да побараат да го посвојат девојчето, но откако тоа не се случило веднаш ги преземала нештата во своите раце, па ја почнала процедурата за легално посвојување.
„Се сеќавам на мигот кога стоевме до нејзиниот автомобил и таа ми рече дека ќе ме земе со неа. Бев изненадена и пресреќна. Како предвреме да добив подарок“ – вели Лорали.
Инаку, 9-годишното девојче уште сега знае дека еден ден кога ќе порасне сака да посвои деца и да им помогне на оние што ја делат нејзината судбина.
Што се однесува до биолошката мајка на Лорали, Зои вели:
„Биолошките родители имаат право да се спротивстават на одлуката за посвојување. Тоа не се случи. Знам дека мајка ѝ ја сака. Знам дека сакаше да биде дел од нејзиниот живот, но, како што ѝ велам и на Лорали, мајка ѝ ја сакаше толку многу, па ми дозволи да ја посвојам за да ѝ ја дадам грижата што ѝ е потребна“ – вели Зои.
Инаку, на 20-ти ноември годинава Лорали беше меѓу 165-те деца во Калифорнија што беа и официјално посвоени во рамки на церемонијата за Националниот ден на посвојувањето. Со тоа Лорали доби свој дом и повеќе не е во грижа на системот.
Б. С. Б. | Црнобело