Жена во менопауза е сурогат на нејзината ќерка: „Имам 54 години и бремена сум со мојот внук“
- Детали
- понеделник, 15 ноември 2021
Мајката ќе направи сѐ за најзините деца да бидат среќни. Така оваа 54-годишна жена е бремена по шести пат, откако одлучила да биде сурогат мајка за да го оствари сонот на нејзината ќерка која е родена без матка и не може да биде бремена.
Мари Арнолд (54) во моментов е во 30-тата недела од бременоста. Оваа мајка на пет деца две децении по раѓањето на последното дете, одлучила повторно да биде бремена и да им го оствари сонот на ќерката Меган Вајт (28) и на зетот Клајд Вајт (28) - конечно да станат родители.
Ќерката на Мари, Меган Вајт на 17 години дознала дека страда од ретко нарушување што се нарекува Мајер-Рокитански-Кистер-Хаусер синдром (МРКХ), а што во основа значи дека таа е родена без матка и никогаш нема да може да биде бремена.
„Кога бев тинејџерка очекував да добијам менструација, но тоа не се случуваше. Со мајка ми заедно отидовме на лекар и дознав дека имам МРКХ што значи дека сум родена без матка и никогаш нема да добијам менструација.
Исто така, тоа значи дека никогаш нема да бидам бремена, но имав здрави јајчници и знаев дека можам да добијам биолошко дете со помош на сурогат.
Во тој период бев тинејџерка и не размислував премногу за тоа. Но, откако го запознав мојот сегашен сопруг Клајд (28) во 2015-та година, знаев дека сакам да основам семејство и да бидам мајка.
Тој постојано ми даваше поддршка и ми рече дека еден ден ќе станеме родители без разлика на тоа што треба да го направиме за да си го оствариме сонот“ - вели Меган.
Меган и Клајд прво побарале сурогат мајка во странство, но по неуспешниот обид со доброволен сурогат од Канада и по избувнувањето на пандемијата и ограничувањата на движењата, нивните можности за да станат родители станале мошне лимитирани.
Мајка ѝ, Мари, прво мислела дека е премногу стара и дека нема да ѝ дозволат да биде сурогат, но по поголемиот број испитувања, лекарите утврдиле дека таа може да ѝ помогне на својата ќерка и во моментов е најстарата сурогат мајка во Австралија.
Мари веќе поминала низ менопауза, па лекарите морале прво да ѝ дадат лекови за да го вратат процесот, да се зајакнат ѕидовите на матката и да ја подготват за бременост.
„Бев мошне среќна кога ги поминавме првите 20 недели, а потоа бев мошне уверена. Ова е посебно искуство за мене и навистина сум пресреќна што можам да ѝ помогнам на ќерка ми.
Постојат многу начини на кои луѓето денес стануваат родители и ова е само уште една опција. Навистина сакаме да им укажеме на луѓето за да знаат дека ова е можно“ – вели Мари.
Таа додава дека поради тоа што е повозрасна со оваа бременост, се чувствува поуморно за разлика од последниот пат кога била бремена пред 22 години.
„Но, сè уште сум на нозе, ги завршувам сите домашни обврски. Се чувствувам одлично. Сите во нашето семејство се возбудени и со душа чекаат да го запознаат нашиот внук“ – вели Мари која треба да се породи во јануари 2022-ра година, со закажан царски рез.
Б. С. Б. | Црнобело