Најголемата поп-ѕвезда во Авганистан успеа да побегне: „Жива сум, кога ќе ми помине шокот, имам многу приказни за вас“
- Детали
- петок, 20 август 2021
Аријана Сајед е најпознатата поп-ѕвезда во Авганистан. Таа успеала да се качи на авион за САД од Кабул и да побегне од земјата, додека жените стравуваат дека Талибанците по преземањето на власта ќе ги воведат ригорозните закони на Шеријатот.
Аријана Сајед (36) е позната пејачка во Авганистан и беше една од судиите на тамошната верзија на шоуто The Voice, а имаше среќа во средата да побегне од земјата во еден од товарните авиони на САД, во страв дека таму ќе ѝ бидат одземени правата или нешто уште полошо.
Таа е родена во 1985-тата година во Кабул, Авганистан. Нејзините родители ја напуштиле земјата кога таа имала само 8 години и живееле во Пешавар, Пакистан пред конечно да се преселат во Швајцарија.
Првиот хит го објавила во 2008-мата година и станала мошне популарна кај авганистанската публика низ светот. По ова таа одлучила да се врати во Авганистан и таму да изведува концерти за тамошната публика.
Иако е добитничка на повеќе награди во родниот Авганистан, сепак религиозните водачи во земјата честопати се противеле на нејзините концерти.
„Авганистанските свештеници редовно се спротивставуваат на концертите. Секогаш кога е вклучена музиката, без разлика дали е за Персиската Нова Година, за некој фестивал или концерт, свештениците се спротивставуваат. Според нивната интерпретација на Исламот, музиката е забранета“ – изјави таа во една прилика за Дојче Веле.
Она што особено им пречи на тамошните власти и во минатото е тоа што таа одбива да ја прекрие косата, танцува на сцена и носи „западна облека“.
Со најновите случувања, логично е дека Аријана е една од првите Авганистанки што ќе биде на удар кај новите власти и затоа нејзините обожаватели беа мошне среќни кога ги примија вестите дека таа е безбедна и успеала да ја напушти земјата.
„Јас сум жива и добро сум. По неколку незаборавни и страшни ноќи, успеав да стигнам во Доха, Катар и чекам следен лет за конечно да стигнам дома во Истанбул“ – напиша таа на нејзиниот Инстаграм профил пред два дена.
Нејзиниот менаџер и сопруг Хасиб Сајед подоцна објави фотографија од неа како спие додека е на летот кон Истанбул.
„Таа заспа во истиот момент штом ја навали главата на седиштето, откако се качивме на авионот со којшто треба да си заминеме од Доха, Катар. Само ја гледав и си мислев на тоа колку храбро и колку бестрашно ги издржа последните, најтешки и најопасни моменти од нејзиниот живот. Имам многу да напишам, но треба да полетаме наскоро и тоа ќе биде уште еден лет од ова најново патување што мислевме дека нема да го преживееме. За вас и за многу други таа е можеби само уметник со убав глас и неверојатен талент. Но, за мене, таа е храбра личност, што многупати ми била пример. Ќе ја оставам да спие мирно, а наскоро таа ќе има да ви раскаже многу приказни“ – напиша тој.
По ова таа објави нови информации и ги извести своите обожаватели дека конечно стигнала дома во Турција.
„Откако си дојдов дома и мојот ум и емоции ќе се вратат во нормала од светот на неверување и шок, имам многу приказни да споделам со вас“ – напиша таа.
Инаку, откако Талибанците го заземаа Авганистан се очекува религиозните водачи во државата да одлучат дали девојчињата ќе може да се образуваат и дали жените ќе може да работат.
Генерално, се очекува новата власт во целост да ги спроведе законите на Шеријатот, а голем број жени стравуваат за својата иднина и бараат спас со бегство од земјата.
Погледнете повеќе фотографии од Аријана во продолжение:
https://www.instagram.com/p/CSW8LNsFDXn/?utm_source=ig_web_copy_link
Б. С. Б. | Црнобело