„Не се гледавме со месеци, а имавме дете“: По 5 години проблеми со визи, маж од Шкотска и жена од Африка конечно се заедно
- Детали
- четврток, 19 август 2021
Откако се запознале на Тиндер во 2016-та, помеѓу Ник и Ронелда веднаш се родила љубов. Но, Ник е од Шкотска, а Ронелда од Африка, па решиле да пробаат со врска на далечина. Ронелда останала и бремена, а цели пет години парот се соочувал со проблеми со визи и речиси и да не се гледале, но сега конечно можат да уживаат во заедничкиот живот.
Ник Петри и Ронелда се запознале на Тиндер во 2016-та година и иако хемијата помеѓу нив бил повеќе од очигледна, тие имале проблем – Ник е од Шкотска, а Ронелда од Африка.
Во 2016 година 43-годишниот Ник кој потекнува од Шкотска, живеел во Италија. Тој период Ник минувал низ развод, па надевајќи се дека повторно ќе најде љубов, решил да ѝ даде шанса на апликацијата за состанување Тиндер. Бидејќи набрзо потоа требало да оди во Кејптаун, на апликацијата си ја наместил таа локација.
Вака тој ја запознал 33-годишната Ронелда, па се договориле да се сретнат во живо откако Ник ќе стигне во нејзиниот град.
„Уште на почетокот се согласувавме одлично. Немаше непријатна тишина или нешто слично“, вели Ронелда.
Тие поминале скоро цела недела заедно, а и двајцата велат дека им било прекрасно.
„Беше неверојатно. Ја имаме истата смисла за хумор и одлично се согласувавме веднаш штом се сретнавме во живо“, открива Ник.
За жал, на крајот од неделата Ник се враќал во Рим, па морале да разговараат што ќе прават следно.
„Се согласивме да пробаме врска на далечина неколку месеци, па да видиме што ќе се случува. Следното утро веднаш се слушнавме, а истото го правевме секое наредно утро. Многупати ѝ се јавував и додека бев на работа“, вели Ник.
Парот ја продолжил врската на далечина цели три месеци, сè до мигот кога Ник имал можност повторно да оди во Кејптаун.
„Дојде на 10 денови и одлучивме да бидеме заедно за да видиме како ќе се одвива врската. Овие 10 денови ми разјаснија – Ник е вистинскиот за мене“.
Не сакајќи повторно да биде разделен од саканата на толку долг период, штом се вратил дома, Ник веднаш закажал уште едно патување до Кејптаун, овојпат на цел месец. Кога повторно се сретнале, Ронелда аплицирала за туристичка виза за во Британија.
„Дотогаш веќе сакав да се иселам од Италија и сакавме да одиме во Шкотска. Но, денот пред да заминеме, визата на Ронелда беше одбиена“.
Додека парот се обидувал да добие виза за Ронелда, еден член од нејзиното семејство се разболел, па таа морала да се грижи за него. Набрзо потоа, пак, Ронелда останала бремена со нивното прво дете.
„Кога ми кажа дека е бремена стана јасно дека нема да се вратам во Шкотска без неа. Наместо тоа останав подолго од планираното и успеавме да добиеме виза за неа“.
Парот заминал за Шкотска во 2018 година, а некој месец подоцна го добиле нивното прво дете – ќерката Бруклин.
Но проблемите на парот не завршиле овде. Ронелда имала само туристичка виза која набрзо истекувала, па морала да се врати во Африка со ќерка им.
Цела година семејството било разделено, а се сретнувале како знаат и умеат – еднаш договориле средба во Танзанија за првиот роденден на Бруклин, а еднаш се сретнале во Ирска бидејќи за Ронелда било полесно да извади виза за таму. Овој период Ронелда останала бремена по вторпат.
„Бевме многу среќни, но беше тешко што не знаевме што ќе се случи со државјанствата“, вели Ник.
Кон крајот на 2019 година Ронелда успеала да дојде во Шкотска, а набрзо потоа почна и пандемијата. Парот вели дека донекаде локдаунот им бил од помош бидејќи Ронелда можела да остане подолго од планираното и да аплицира за постојана виза.
Конечно, во декември минатата година Ронелда добила постојана виза и по речиси пет години парот можел да ужива во заедничкиот живот. Откако ги средила сите документи, тие се венчале.
Како целото патешествие да не било доволно, Ник и Ронелда се соочиле со проблеми и со документите за венчавката, но во август си ја исполниле желбата и направиле свадба.
Сега парот живее во Шкотска и велат дека целата жртва дефинитивно вредела, но и дека повторно би го направиле истото ако тоа значи дека ќе бидат заедно.
„Мора да сакате да вложите време и труд. Мора да се разбирате еден со друг“, вели Ник.
Ронелда, пак, вели дека потребна е огромна сила за врска на далечина:
„Некои ноќи ќе одите во кревет сами, а толку многу ќе сакате да бидете со вашиот партнер. Може да биде многу тешко“.
Спирова С. | Црнобело