Барби кукли инспирирани од ликот на жени во медицината кои се бореа во првите редови со ковид – за што се заслужни?
- Детали
- вторник, 10 август 2021
Медицинската сестра која се грижела за првиот пациент во Њујорк, професорката која работела на вакцината на АстраЗенека – неколку жени од областа на медицината се инспирација за новите Барби кукли направени во знак на благодарност на медицинските работници кои се борат во првите редови против пандемијата.
Компанијата за играчки Mattel стои зад мега популарните Барби кукли и сега реши да им оддаде почит на жените кои ризикуваа многу за да помогнат во битката против корона вирусот.
Неодамна компанијата претстави шест нови Барби кукли, направени според ликот на шест жени од разни држави кои работат во областа на медицината.
Погледнете кои жени си добија своја Барби кукла и што направија за човештвото за време на пандемијата:
Андреа Круз – лекарка од САД
Андреа активно се бори против вирусот во Лас Вегас уште од почетокот на пандемијата. Истовремено, заедно со нејзини колеги со азиско потекло се бори против расизмот и дискриминацијата за време на пандемијата. Таа ја покажа нејзината благодарност за Барби куклата со емотивна објава на Инстаграм.
„Почестена сум што сум дел од овој проект. Се надевам дека ова ќе го сврти вниманието кон посветеноста и сочувствителноста што ја покажа сите медицински лица последната година и пол.
Се надевам дека ќе ги претставам малцинствата во Америка. Се надевам дека ќе ги претставам мајките кои работат и кои градат кариера додека се грижат за нивните деца. Се надевам дека ќе им покажам на сите млади жени дека можат да бидат што и да посакаат“.
Жаклин Гоес де Хесус – докторка и генетски истражувач од Бразил
Жаклин од Бразил беше дел од тимот кој го направи првото секвенцирање на геномот на корона вирусот во Бразил.
Кирби Вајт – докторка од Австралија
За време на пандемијата, покрај лекувањето на пациентите, Кирби дизајнира и специјална заштитна облека за медицинските лица која може да се пере и да се употребува многупати.
Уште во третата недела од почетокот на пандемијата, Кирби и нејзиниот тим ја потрошиле целата заштитна опрема која е за една употреба, па таа решила да дизајнира опрема што може да се пере и да се користи одново и одново. Досега таа има снабдено над 750 клиники од нејзината држава со оваа опрема.
Сара Гилберт – професор по вакцинологија на Универзитетот Оксфорд
Сара од Велика Британија го водеше истражувањето за вакцината на Универзитетот во Оксфорд и е еден од креаторите на вакцината АстраЗенека.
Чика Стејси Ориува – лекарка од Канада
Доктор Чика сфатила дека расизмот станал значително поизразен за време на пандемијата, особено кога станува збор за медицинска нега, па повеќе од една година се бори против тоа.
Ејми Осуливан – медицинска сестра од САД
Ејми е медицинска сестра која работи во болница во Бруклин и таа го лекуваше првиот пациент заразен со ковид во Њујорк. Тогаш и таа се зарази со вирусот, но штом закрепна, веднаш се врати на работа. Ејми беше прогласена и за една од 100-те највлијателни личности во 2020-та од страна на магазинот TIME.
Од компанијата велат дека овие кукли нема да бидат за продажба, но тие ќе донираат по 5 долари за медицинските лица за секоја продадена Барби кукла во американскиот ланец продавници Target.
Спирова С. | Црнобело