„Ги избришав Инстаграм и ТикТок профилите на 14-годишната ќерка со 2 милиони следбеници – што постигнав?“
- Детали
- понеделник, 09 август 2021
„Животот е убав ако прво сте среќни офлајн“ – им порача мајката на следбениците на нејзината ќерка и објасни зошто ги избришала профилите на ќерка ѝ од социјалните мрежи на кои девојчето имало 1,7 милиони следбеници.
Фернанда Роча Канер е докторка во Бразил, а нејзината ќерка Валентина (14), на Инстаграм и ТикТок е позната како инфлуенсерката Нина Риос.
На социјалните мрежи девојчето имало околу 2 милиони следбеници, но во еден момент, нејзината мајка одлучила да ѝ ги избрише профилите на ќерката.
По реакциите на голем број од следбениците на Нина за нејзиното отсуство, мајката одлучила во подолга објава на Инстаграм да појасни зошто се одлучила на ваков чекор:
„Одлучив да ги избришам нејзините профили на Инстаграм и на ТикТок. Здодевна сум знам, но нашата улога како мајки не е да ви бидеме пријатели и тоа ќе го разберете само откако ќе го искусите.
Знам стара сум. Наклонетоста што ја имате за неа е мошне убава, но, не сметам дека е здраво ниту за возрасен човек, а уште помалку за тинејџер да се спознава себеси преку виртуелниот фидбек.
Ова е илузија и илузијата го замаглува патот во самоспознавањето. На нејзините профили таа имаше околу 2 милиони следбеници, десетици фан клубови, што е навистина слатко но му штети на кој било тинејџер во процесот на потрагата по себеси и по индивидуалноста. Не сакам да порасне верувајќи дека таа е овој карактер“ – вели оваа мајка.
Додава дека не сака да ја гледа нејзината брилијантна ќерка како рекламира облека од полиестер или танцува како „трениран бабун“.
„Јас сум нејзиниот најголем обожавател и таа ќе се појавува овде доколку сака. Кога ќе има да понуди нешто интересно тогаш ќе има можност повторно да има свои профили.
Според плановите, таа ќе оди во Швајцарија за да го продолжи образованието таму. Летање со параглајдер, студирање биологија во шумите, спасување крави на Алпите. Животот е добар само ако прво сте среќни офлајн“ – им порача мајката на фановите на ќерката.
Мајката и ќерката гостуваа во интервју за бразилската телевизија TVGlobo, во емисијата Fantastico, каде Валентина (Нина) објасни како се чувствувала кога мајката одлучила да преземе ваков радикален чекор.
Нина вели дека воопшто не била среќна на почетокот затоа што мајка ѝ се одлучила да ѝ ги избрише профилите, но подоцна сфатила дека можеби таа е во право.
Вели дека на почетокот многу се расправала со мајка ѝ, но потоа ја прифатила нејзината одлука и сега е среќна затоа што не е на социјалните мрежи, но не открива дали во иднина има намера повторно да отвори профили.
„Ќе размислам. Во моментов не сакам. Тоа само ќе ми пречи и ќе направи полошо“ – рече Валентина.
Што мислите вие? Ја оправдувате ли постапката на оваа мајка?
Б. С. Б. | Црнобело