Дечко ја оставил девојка му да гладува на одмор, додека тој одел во скапи ресторани што таа не може да си ги дозволи
- Детали
- среда, 30 јуни 2021
Богато момче и неговата девојка со потпросечна плата биле на одмор, за кој девојката морала да најде втора работа за да собере пари. Тие секогаш ги делеле сметките, па девојката буквално гладувала на одморот бидејќи не можела да си дозволи повеќе од 2 оброци дневно. Момчето не преземало ништо, а сега прашува дали тој е виновникот во целата ситуација.
На Редит постои форум каде што луѓето споделуваат ситуации од нивното секојдневие, во кои не се сигурни дали постапиле правилно. Односно, прашуваат дали тие се „виновникот“. Другите форумџии им даваат мислење и нова перспектива за ситуацијата.
Токму на тој форум, еден маж ја споделил неговата приказна која веднаш беше пречекана со бројни критики.
Имено мажот, кој има солидна плата, е во врска со девојка со пониски примања. Во текот на 2-годишната врска, секојпат ги делеле сметките на пола, без разлика што тој заработува скоро трипати повеќе од неа.
Проблемот настанал кога заминал на одмор со девојката, кој бил прескап за неа. Девојката била со ограничен буџет и бидејќи немала доволно пари, јадела само двапати дневно. Таа дури си нашла и втора работа, само за да собере пари за овој одмор.
Мажот, пак, наместо да ѝ помогне, се прашува зошто девојка му воопшто дошла на одморот штом немала пари.
Неговата исповед:
„Девојка ми, јас, моите родители, брат ми и неговата сопруга пред една недела бевме на одмор во друга држава.
Јас и брат ми го испланиравме поголемиот дел од патувањето, иако ги прашавме сите за мислење. Инаку, јас заработувам околу 150.000 долари годишно како ИТ консултант, а девојка ми е учителка и заработува 45.000 долари годишно. Моите родители се прилично богати, исто како брат ми и сопругата.
Девојка ми знаеше за ова патување и неколку месеци работеше втора работа како келнерка за викенди за да се подготви. Отсекогаш сме ги делеле сметките на пола во двете години што сме заедно.
На одморот имаше неколку ситуации кога таа не дојде со нас на екскурзии – дегустација на вино, нуркање и слично. Исто така, јадеше само двапати дневно, кажувајќи дека е на буџет. Моето семејство сака поексклузивни (поскапи) места. Родителите мислеа дека е чудно што јаде двапати дневно иако обично јаде по трипати.
Кога се вративме дома ја прашав зошто прескокна неколку екскурзии и зошто јадеше само двапати дневно – ѝ спомнав дека слушнав како ѝ кркори стомакот една вечер ѝ реков дека сум загрижен дека има некое нарушување во исхраната.
Очите ѝ се насолзија и рече дека за неа било финансиски неизводливо да јаде три оброци дневно, ниту да оди на екскурзиите што ги прескокна (таа дојде на 3 од 6 екскурзии). Рече дека не очекувала сè да биде толку скапо и беше многу емотивна.
Исто така ми рече дека не е сигурна дали ќе можеме да продолжиме вака ако очекувам од неа да оди на одмор со луѓе кои заработуваат многу повеќе од неа.
Се чувствувам лошо бидејќи не сфатив порано што е проблемот. Но, се договоривме да ги делиме сметките на пола и не знам зошто се согласи да дојде ако проблемот биле трошоците“.
Веројатно претпоставувате дека сите форумџии го критикуваат мажот и неговото себично однесување:
„Заработуваш трипати повеќе од неа. Знаеш дека морала да најде втора работа за да може да дојде со тебе. Ти си го испланирал одморот и активностите. Таа дури и таму ти кажала дека може да си дозволи само два оброци дневно. Слободно можам да кажам дека сигурно воопшто не уживала во одморот. Веројатно ѝ било стресно и засрамувачко што морала да прескокнува оброци“.
„Не ми се верува дека дозволувал да си легнува гладна и не рекол ништо за тоа. Колку злобен можеш да бидеш?“
„Девојка ти морала да најде втора работа. Си слушнал како ѝ кркори стомакот и не помисли дека можеби нема пари? Боже, не си најпаметната личност, нели? Заработуваш 100.000 долари повеќе од неа и не сакаш да ја почастиш ни еден одмор. Слеп си пред страдањата на твојата девојка. Помогни ѝ“.
„Си ја натерал девојка ти да најде втора работа и си ја оставал сама и гладна во собата… Како нејзин дечко, ниту еднаш ли не помисли дека треба да се грижиш за неа? Буквално си ја оставил твојата девојка гладна и сама… Кој го прави тоа на личноста што ја сака? Се надевам дека ќе те остави“.
Досега на објавата има над 400 коментари, а сите форумџии едногласно тврдат дека момчето е ужасна личност. Многумина му нагласуваат и дека девојка му направила огромна жртва и отишла со него бидејќи го сака, а тој би требало самиот да го сфати тоа.
Што мислите вие за целата ситуација?
Спирова С. | Црнобело