Љубов без граници: Девојка го победила ракот, но ѝ била извадена матката – сега сестра ѝ е сурогат мајка на нејзиното бебе
- Детали
- вторник, 29 јуни 2021
Сестринската љубов не познава граници. Сара Шарп и Кети Стонер се сетри близначки, а откако на Сара во целост ѝ била извадена матката по борбата со ракот, Кети е тука за да биде сурогат-мајка за нејзиното второ дете.
Во 2018-тата година на Сара Шарп ѝ бил дијагностициран редок тумор на матката, а вели дека откако ѝ кажала на сестра ѝ дека најверојатно веднаш ќе треба да оди на операција сестра ѝ била тука за неа во секој момент.
„Кети со брзање дојде во болница за да биде со мене. Тогаш за првпат ми рече: ’Ако ти ја извадат матката, јас ќе ти ги носам бебињата‘“ – вели Сара.
Кога се појавиле првите симптоми на кобната болест, Сара прво мислела дека има спонтан абортус, затоа што постојано крвавела и имала позитивен тест за бременост. Никој не очекувал дека ќе добие таква дијагноза.
Сара дознала дека боледува од кориокарцином, што најверојатно се појавил како последица на претходната бременост. Кориокарциномот е малиген, агресивен вид на тумор, што се создава од клетките што му помагаат на ембрионот да се закачи за матката и помагаат да се формира плацентата.
Иако веќе била мајка на едно девојче, за неа најголем шок претставувало тоа што дознала дека никогаш повеќе нема да може да биде бремена.
„Дијагнозата во голема мера ми го сруши светот. Прво размислував како да преживеам и како да ја поминам терапијата. Но, ме скрши затоа што јас и сопругот сакавме уште деца. Ќерка ми само што наполни 1 година“ – вели таа.
Сара седумпати била на хемотерапија за да го победи ракот, но и за да ја спаси матката. Во декември 2018-тата кога имала 31 година ѝ рекле дека го победила ракот, но на првиот преглед, само еден месец подоцна, ѝ рекле дека ракот повторно се вратил.
По ова повторно била на хемотерапија, но морала да донесе и тешка одлука да ѝ биде направена хистеректомија, по што се излекувала од ракот, но ја загубила можноста повторно да стане мајка.
„Беше момент на дежа ву кога ги видов Кати и сопругот до мојот кревет. Тогаш Кати ми рече: ’Сериозна сум овојпат, ќе ги носам твоите бебиња‘. Тогаш се смеевме, но во мојата потсвест тоа беше нешто за што можев да се држам. Ми помогна да одам напред ментално. Тоа беше надеж, милост и иднина во едно“.
Сега, три години по првата дијагноза, Сара е излекувана од рак и се подготвува повторно да биде мајка. Нејзината сестра Кати е сурогат-мајка на нејзиното бебе и се очекува во август да го роди Џон Рајдер, кој е биолошки син на Сара и нејзиниот сопруг.
„Уште од почетокот се чувствував поинаку со оваа бременост затоа што знам дека го носам мојот внук, а не мојот син и навистина го сакам ова искуство. Им велам на луѓето: ’Го носам внукот‘“ – вели Кати.
Инаку Кати и нејзиниот сопруг веќе имаат две деца (4-годишен син и 6 годишна ќерка) и ниту еднаш не се двоумеле за тоа дали треба да ѝ помогнат на сестрата за да го прошири семејството.
Сара е уметник и се занимава со архитектонски дизајн, а Кати е нутриционист, но велат дека од ова животно патување стекнале големи искуства за тоа колку е важно жените да ги слушаат сопствените тела. Тие сега имаат заеднички поткаст Talk to Me Sister, каде говорат за женското здравје.
Во продолжение повеќе фотографии од двете сестри:
Б. С. Б. | Црнобело