Мајка која роди бебе од 5.6kg во домашни услови открива: „Беше прекрасно и мирно искуство“
- Детали
- понеделник, 14 јуни 2021
Ова ѝ е четврто дете, а за првпат решила да се породи во домашни услови. На 12.03 годинава, Ајше Мејтон (34) ја родила ќерката во удобноста на својот дом. Иако родила бебе тешко 5kg и 600g вели дека тоа било „прекрасно и мирно“ искуство.
Таа се породила по природен пат, без аналгетици, а за време на породувањето со неа бил сопругот Гари, две акушерки, но и една бабица. Ајше веќе е мајка на три сина Итан (7), Хуго (5) и Купер (3) , а вели дека ова било навистина позитивно искуство.
„Мислам дека тоа беше поради тоа што знаев што треба да очекувам, затоа што таа ми е четврто дете. Но, ова ми беше прво породување во домашни услови и беше навистина поинакво искуство. Бев многу порелаксирана затоа што бев во безбедно, познато опкружување, а не во болница“ – вели таа.
Додава дека било многу подобро да се породиш во домашни услови затоа што потоа можеш да ја јадеш сопствената храна и да одиш и да си легнеш во сопствениот кревет.
Како што вели, таа очекувала Елоиз да биде големо бебе, затоа што нејзините двајца последни синови биле големи бебиња и двајцата тежеле околу 5kg.
„Не знам како, ама изгледа креираме само големи бебиња. Очекував да биде околу 5kg но, нè изненади кога излезе дека таа е најголемото бебе досега. Не бев загрижена што ја родив дома. Отсекогаш сакав да се породам природно и без разлика на нејзината големина, немаше да има разлика дали сум во болница или дома“ – вели таа.
Ајше целото време пред породувањето го поминала во базен за породување во нејзината дневна соба. Од базенот излегла пред бебето да излезе на свет и се породила на подот.
Инаку, се смета дека Елоиз е едно од најголемите природно родени бебиња во Обединетото Кралство. Најголема досега е Сузи Гзовски која се роди во јануари 2012-тата со рекордни 5kg и 800g.
Б. С. Б. | Црнобело