Жената со најдолги трепки на светот го сруши сопствениот рекорд со должина од 20.5cm
- Детали
- четврток, 10 јуни 2021
Многумина мислат дека трепките на очите ако отпаднат, повеќе не растат, сепак потврдено е дека и тие слично како и косата – растат, отпаѓаат и повторно растат, а оваа жена збунува со необично долгите трепки на очите чијашто должина во моментов изнесува неверојатни 20,5 cm. Никој не знае што го предизвикува необично долгиот раст, а таа верува дека тие ѝ се „дар од Буда“.
Ју Џанксиа од Кина за првпат се запишала во Гинисовата книга на рекорди во јуни 2016-тата година кога на нејзиното лево око на горниот капак имала трепки со должина од 12, 4 cm.
Годинава, како што информираат од Гинисовата книга на рекорди, таа го сруши сопствениот рекорд, откако на 20-ти мај било направено ново мерење и сега најдолгата трепка била со должина од 20,5 cm. Иако сите нејзини трепки се необично долги, најдолгата била на горниот капак на нејзиното лево око.
„Првпат забележав дека моите трепки растат во 2015-тата година. Тие растат бавно и стануваат сè подолги и подолги. Посетив доктор за да откријам зошто моите трепки се подолги отколку кај другите луѓе.
Тој не можеше да ја објасни појавата, но рече дека е навистина неверојатна. Исто така се обидов да најдам и научни причини како гени или нешто слично, но, никој во моето семејство немал долги трепки како мене, па не може да се објасни“ – вели таа.
Во недостаток на реални медицински и експертски објаснувања Ју смета дека нејзините долги трепки се должат на „божја волја“:
„Продолжив да размислувам зошто имам толку долги трепки, а потоа се сетив дека поминав над 480 дена во планините, пред неколку години. Така си реков дека моите трепки мора да се дар од Буда“ – вели таа.
Таа сега верува дека долгите трепки ѝ даваат сила. Како што посочува, сега има совршено здравје, но кога се родила била мошне слаба. Таа вели дека тие не ѝ пречат во секојдневниот живот, туку, напротив ѝ помагаат да заштеди време кога нанесува шминка.
„Благодарение на моите природно долги трепки немам потреба од сенка за очи или од молив за очи. Моите природно долги трепки играат улога на долг ајлајнер. Со оглед на тоа што трепките ми се природни, лесно ми е само да го измијам лицето и да продолжам со обврските.
Тие отпаѓаат и повторно растат. Понекогаш може и да се скинат ако ги повлечам невнимателно. Но, тоа не е проблем, затоа што повторно растат. Сега се неколку сантиметри подолги отколку пред 5 години“ – вели Ју.
Погледнете го видеото со Ју Џанксиа:
Б. С. Б. | Црнобело