Aфера на работното место, непристојни понуди на колешки – причината за разводот на Бил Гејтс и отказот од Microsoft
- Детали
- понеделник, 17 мај 2021
Бракот на Бил и Мелинда Гејтс изгледаше скоро совршено, а токму поради ова јавноста беше изненадена кога пред половина месец тие соопштија дека се разведуваат. Но, се чини дека проблемите меѓу Бил и Мелинда постоеле одамна, а сега се појавија и гласини дека милијардерот имал афера. Всушност, според некои извори, токму поради оваа афера тој се повлече и од управниот одбор на Microsoft.
Во 2000 година Бил Гејтс имал афера со колешка од Microsoft. Наводно, во 2019 година жената со која се гледал Бил испратила писмо до управниот одбор на компанијата, а дури и Мелинда го прочитала.
Во писмото, вработената тврдела дека таа и Бил имале интимна афера која траела неколку години. Штом почнала истрагата за наводната афера во 2020 година, Бил Гејтс ненадејно сe повлече од управниот одбор на неговата компанија и сега е само консултант.
Гласините се потврдени и од портпарол на Microsoft кој за Wall Street Journal изјави:
„Microsoft доби писмо во втората половина од 2019 според кое во 2000 година Бил Гејтс иницирал интимна врска со вработен во компанијата. Управниот одбор ја разгледа жалбата со помош на правна фирма со цел да направат детално истражување“.
Но сепак, портпаролот тврди дека отказот на Бил не е поврзан со аферата од пред 20 години, туку тој сакал да ѝ се посвети на филантропијата.
The New York Times, пак, сподели и други обвиненија против милијардерот.
Наводно, во 2016 година Бил присуствувал на презентација на вработена во Microsoft, а кога завршил настанот ја поканил на вечера. Изворот тврди дека Гејтс ѝ испратил мејл на вработената во кој ѝ вели:
„Ако ова прави да се чувствуваш непријатно, преправај се дека никогаш не се случило“.
Година-две подоцна, кога Гејтс бил во Њујорк на деловно патување за фондацијата што ја основа со Мелинда, тој поканил уште една жена на вечера. Наводно, таа само се насмеала и не му одговорила.
Досега дури шест жени кои работеле или уште работат за Гејтс имаат споделено слични приказни. Истовремено, тие нагласуваат дека Гејтс не бил нападен со неговите непристојни предлози, а и сите го одбиле.
Не е познато дали Мелинда знаела за сето ова и дали овие настани имаат некаква врска со нивниот развод. Претходно се појавија гласини дека најголем проблем за Мелинда било пријателството на Бил Гејтс со озлогласениот педофил Џефри Епстајн.
Мелинда била гневна што Бил се дружел со Џефри и го предупредувала да му стави крај на тоа пријателство. Бил и Џефри се запознале во 2011 година, а дотогаш Џефри веќе имаше одлежано казна затвор поради обвиненија за детска проституција.
Кога, пак, во 2019 беа објавени детали за пријателството на Бил и Џефри, Мелинда почнала да се консултира со адвокати за развод.
Кога ги соопштија новостите за разделбата, Бил и Мелинда ја замолија јавноста да ја почитува нивната приватност и оттогаш немаат споделено детали.
Спирова С. | Црнобело