Мајка на 2-годишно момче: „Не вози велосипед, туку мотоцикл – се трудам да не мислам на лошите последици“
- Детали
- недела, 16 мај 2021
Која е вистинската возраст за на детето да му дадете да вози мотоцикл? Додека едни родители се подготвени своите деца да ги завиткаат во заштитна фолија и да внимаваат да немаат ниту гребнатинка, други одлучуваат од мали нозе да ги научат своите деца да возат мотоцикли.
Ова 2-годишно момче од Бирмингем е високо само 94 cm, а веќе е вистински талент за мотоцикли. Тој ужива во возење на мотоциклот што може да развие брзина од 50km/час, иако Даниел сè уште не умее да вози обичен велосипед без помошни тркала.
Неговата мајка Софи Роџерс (23) признава дека понекогаш е застрашувачки да го гледа нејзиниот син како вози наоколу, но вели дека грижите „исчезнале“ затоа што тој е премногу самоуверен.
„Смешно е што Ден може да вози PW50 мотоцикл, ама не може да вози обичен велосипед. Му купивме велосипед за балансирање кога имаше една година и добар беше со него. Но наскоро му здодеа па му купивме електричен велосипед што веднаш го засака. Му се допаѓаше брзината и кога се навикна на неа, неговиот татко Даниел (25) кој вози постојано мотокрос мотоцикли го почести со мотоцикл на бензин. На почетокот ми беше страв затоа што тој е висок само околу 94cm. Но, моите грижи исчезнаа затоа што тој е многу самоуверен“ – вели гордата мајка.
Но, кога станува збор за вртење педали Даниел има проблем. Неговата постара сестра Индија обожава да го гледа брат ѝ како го вози мотоциклот додека таа го следи со велосипедот.
„На Индија ѝ купивме обичен велосипед за 3-иот роденден и мислевме дека ќе биде исто и со Даниел. Ни се чини дека тој го прескокна тој велосипед. Сè уште го охрабруваме да се обиде и да вози, но најверојатно му е премногу бавно“ – вели таа.
На прашањето дали воопшто е безбедно на дете од 2-години да му се даде мотоцикл, родителите тврдат дека тој е безбеден затоа што постојано носи штитници на колената и кацига. Исто така, брзината на неговиот мотоцикл е ограничена на 15km/час.
„Се трудам да не мислам на лошите работи што може да се случат и да се фокусирам на тоа колку е извонредно. Тој постојано е со татко му што тоа го правел цел живот и знам дека е во безбедни раце. Еднаш падна, но беше повеќе загрижен за калта на рацете. Мрази да биде извалкан со кал, па кога го избришавме, пак се качи на мотоциклот и продолжи да вози“ – вели Софи.
Таа за крај додава дека Даниел го поминува слободното време гледајќи мотокрос видеа на YouTube и играјќи си со играчки мотоцикли. Како што вели, нејзините две деца се мошне напредни за нивната возраст и напоменува дека со оглед на тоа што Даниел почнал да оди на само 10 месеци, воопшто не е чудно што веќе сака да вози мотоцикл.
Додека едни родители сметаат дека воопшто не е безбедно на детето да му дадете да управува со какво било возило, други сакаат уште од мали нозе да ги научат децата да уживаат во брзината и во мотоциклите.
Доказ за тоа е фактот што некои од пославните производители на мотоцикли веќе произведуваат и детски модели наменети за мали деца од возраст од 2 години.
Б. С. Б. | Црнобело