„Ми готват храна, ги знам сите озборувања“ – 19-годишна девојка случајно се преселила во населба за пензионери
- Детали
- среда, 12 мај 2021
Медисон Кохаут има 19 години и неодамна се преселила во нејзиниот нов дом. Но, дури откако се вселила, таа сфатила дека изнајмила куќа во населба за пензионери, па сите нејзини соседи се постари од 65 години, а таа е единствениот тинејџер во соседството. Сега, Медисон вели дека ужива со новите соседи и не планира да се сели наскоро.
Кога 19-годишната Медисон Кохаут решила да се пресели од Оклахома во Арканзас, почнала да бара домови за изнајмување. Штом нашла куќа со две спални за која киријата била околу 350 долари, без двоумење потпишала договор за изнајмување, уште пред да го види местото во живо.
Неколку денови подоцна таа се преселила во новиот дом, но набрзо сфатила дека сите нејзини соседи се постари од 65 години. Односно, Медисон сфатила дека се преселила во соседство за стари лица.
„Првата недела откако се вселив беше луда! Бев зафатена со барање работа, уредувањето на домот, па не ни забележав. Прво си помислив дека е малку чудно што сите соседи се многу стари. Но, кога го здогледав знакот на којшто пишуваше ’Апартмани за стари лица‘, ми стана јасно што се случува. Си помислив ’Боже, не ми се верува дека го направив ова!‘“, вели младата девојка.
@itsme.madiiii this is not even a joke LMAO #fyp #WidenTheScreen #seniorcitizens #apartment #moving #outofstate #oof #reallife
♬ original sound - Lauren Wisken
Наводно, иако целото соседство било направено за постари лица, на сопствениците не им било проблем таму да живее и некој млад. Токму затоа тие ѝ дозволиле на Медисон да ја изнајми куќата, без воопшто да ја прашаат или да ѝ спомнат нешто.
Најпрво Медисон ја сподели нејзината приказна на TikTоk, со видео кое досега има над 2 милиони прегледи. Во видеото Медисон вели дека сосема случајно се преселила во „дом за пензионери“.
Иако на почетокот не била сигурна дали ќе ѝ се допаѓа животот на вакво место, сега Медисон вели дека вљубена во нејзиниот дом, но и соседите, кои ги опишува како „добри и грижливи“.
„Се спријателив со многу од соседите. Неколкупати бев на вечера со нив, си зборуваме до доцна навечер и ми имаат испратено многу храна! Никогаш во животот не сум јадела толку многу домашно зготвени оброци. Сакам да ги запознаам подобро и да се зближам со нив“.
Кога девојката забележала дека има огромен интерес за нејзината моментална животна ситуација, направила уште неколку TikTok видеа на кои споделува интересни детали од животот во населба за пензионери.
„Кога си доаѓам дома, секогаш е многу тивко, бидејќи скоро сите соседи се заспани до тогаш. Можеби најдоброто нешто е што секогаш можам да пуштам гласна музика, бидејќи повеќето се со оштетен слух.
Друга интересна работа е што кога живеете опкружени со стари лица, ќе ги знаете сите озборувања. Кога, пак, ќе се вратам дома после напорен ден, секојпат ме прашуваат дали сум добро“.
@itsme.madiiii Reply to @spottedbear UPDATE ON THE APARTMENT!! DAY IN THE LIFE! #fyp #WidenTheScreen #apartment #moved #seniorcitizens #life #comedy
♬ Send Me on My Way - Vibe Street
На шега, Медисон вели и дека ако не можете да плаќате кирија, секогаш можете да се пензионирате порано, како неа.
Во соседството на Медисон има 10-тина куќи, а таа е единствениот тинејџер.
„Забавно е што добив неколку нови баби и дедовци. Планирам да живеам овде подолг период. Премногу ги сакам моите нови соседи!“
Спирова С. | Црнобело