Драма на избор за Мис: На победничката ѝ ја земаа круната од глава затоа што била разведена (видео)
- Детали
- среда, 07 април 2021
Овогодишниот избор за Мис Шри Ланка беше доста напнат. Набрзо откако ја прогласија победничката, девојката која победи лани изјави дека новата мисица е разведена и со тоа ги прекршува правилата, па ѝ ја извади круната пред целата публика, а наводно ѝ предизвикала и повреди на главата.
Неодамна се одржа изборот за Мис Шри Ланка, а ситуацијата стана доста напната кога ја прогласија победничката. Пушпика Де Силва беше прогласена за Мис Шри Ланка, што значи дека таа ќе ја претставува нејзината држава на избор за Мис на светот. Но, радоста на младата жена не траеше долго.
На интернет се појави видео од прогласувањето на победничката, на кое се гледа како ѝ ја ставаат круната на Пушпика. Но, набрзо потоа на публиката ѝ се обрати Јури – жената која ја претставуваше Шри Ланка минатата година и која беше прогласена за Мис на светот 2020.
„Кога станува збор за избор на Мис на светот, има правило според кое девојките не смеат да бидат разведени“, изјави таа.
Според Јури, победничката била разведена и со тоа ги прекршува правилата. Поради ова, круната ѝ припаѓала на девојката која го освоила второто место, односно девојката која е прогласена за прва придружничка на мисицата.
Како што го кажа ова, на видеото се гледа како Јури ѝ ја вади круната на Пушпика, а бидејќи круната се заплеткала во нејзината коса, овој момент трае навистина долго.
Штом Јури ѝ ја стави круната на другата девојка, Пушпика само гневно ја напушти сцената.
Подоцна Пушпика се огласи на Фејсбук во врска со целиот настан:
„Иако бев навредена кога ми ја зеде круната пред целата публика, уште ја држам главата исправена и сум исто горда како и претходно. Ова е само уште еден инцидент“.
Таа вели дека Јури ѝ нанела повреди додека ѝ ја вадела круната, па морала да оди и во болница. За разводот, пак, мисицата вели дека тоа не е точно.
„Ако прекршував некое правило, уште на почетокот ќе ме отстранеа од натпреварот. За крај, сакам да кажам дека вистинската кралица не е жената која ѝ ја зема круната на друга жена, туку жената која потајно ѝ помага на друга жена да добие круна“.
Организаторите на настанот потврдиле дека Пушпика не е разведена, туку само живее одвоено од партнерот и наводно ѝ ја вратиле круната.
Од BBC споделија и изјава од организаторите:
„Разочарани сме. Засрамувачко е однесувањето на Јури на сцената, а организаторите на изборот за Мис на светот веќе истражуваат во врска со случајот“.
Спирова С. | Црнобело