Сурогат мајка по четврта бременост споделува: Како е да се роди бебе кое треба да се даде на друг?
- Детали
- среда, 07 април 2021
Ариел Тејлор е мајка на петгодишно девојче и по четвртипат е сурогат мајка, а своите искуства со сурогат-мајчинството редовно ги споделува на својот Инстаграм профил carried.with.love.
Како е да се биде сурогат мајка по четврти пат? Ариел Тејлор на социјалната мрежа Инстаграм девет месеци нè водеше низ ова патување. Иако првично терминот ѝ беше закажан за 18-ти месецов, таа вчера, цели 13 дена порано се породи со царски рез, откако претходно најави дека сите планови за породувањето се поместиле.
Ариел искуството за ова породување во целост го сподели со нејзините следбеници на Инстаграм.
Така, како што сподели во описот на фотографијата вчера, во која детално опишува со што се соочила, таа наведува дека морала да избере помеѓу: вештачки индуцирано природно породување (со провокации) и царски рез.
Таа се одлучила за втората опција, затоа што, како што вели, сакала колку толку да има контрола врз целата ситуација.
„Сфатив дека позитивното породување не е тоа како се случува или каде се случува или под кои околности. Позитивното породување се случува кога се чуствуваш дека имаш избор и дека некој те слуша. И тоа е породувањето што го добив“, напиша таа.
Својата последна сурогат бременост таа ја најави со помош на нејзината ќерка Скарлет која на фотографијата го држеше написот: „Мајка ми е бремена... ама бебето не е наше. Сурогат бебето пристигнува на 18.04.2021“.
Таа тогаш во описот на фотографијата нагласи дека приказната како сурогат мајка ја започнала во 2015-тата година, кога нејзината ќерка имала 18 месеци.
„Се гордеам со тоа колку е грижлива и полна со љубов и се надевам дека додека ме гледа мене како ги носам бебињата на други луѓе, ќе научи дека постојат многу начини за создавање на семејство и дека секој пат до родителството е убав и посебен. Без разлика на тоа како сте станале родители, вашето семејство е убаво и заслужувате љубов и среќа“, истакна таа.
Со последното породување, Ариел досега родила три сурогат бебиња, а поминала четири долги патувања. Првото искуство со сурогат мајчинството во 2015-тата започнало добро, но за жал се завршило со спонтан абортус во 16-тата недела од бременоста.
Сепак, ова не ја обесхрабрило и таа не дозволила трагедијата да ја прекине нејзината сурогат приказна. По дополнителните медицински испитувања, добила одобрување повторно да се обиде и успеала на двојката да ѝ роди здраво дете што денес има 3 години.
Во 2018-тата година помина низ третата сурогат бременост за двајцата татковци Марк и Кевин, а нивното бебе Ари е родено два дена пред Божиќ и годинава ќе наполни 2 години.
На Инстаграм профилот таа неодамна даде одговор на некои од прашањата што постојано ѝ ги поставуваат, од типот: Нема ли да ти биде тешко да си заминеш без бебето, Ќе бидеш ли тажна што нема да го земеш бебето со тебе или Дали е тешко да го дадеш бебето на неговите родители?
Таа во текот на бременоста одовори на овие прашања и напиша:
„Запомнете, јас не го предавам бебето, туку го враќам назад. Не можам да дочекам ова бебе конечно да се роди и да биде со неговото семејство. Јас сум само среќна што го чувам околу девет месеци“
Б. С. Б. | Црнобело