По речиси цела недела, бродот што го блокираше Суецкиот канал е делумно одглавен (фото+видео)
- Детали
- понеделник, 29 март 2021
Речиси цела недела, најважниот поморски пат во светот, Суецкиот канал, е блокиран. На 23-ти март, наводно поради лоши временски услови, на брегот на каналот се заглави огромен брод за транспорт на стока, целосно блокирајќи го патот за другите бродови. Според најновите информации, бродот конечно е одглавен, а се очекува до утре да се тргне од каналот.
На 23-ти март голем брод за транспорт на стока се заглави во Суецкиот канал, кој е еден од најважните и најпрометните водни патишта во светот. Суецкиот канал е најблиската поморска врска помеѓу западната и источната полутопка, па заглавувањето на бродот предизвика многу проблеми.
Со помош на каналот, чија изградба е завршена во 1869-та, патот што треба да го поминат бродовите кои се движат од Европа до Индија, и обратно, се скратува за неколку илјади километри. Пред изградбата на каналот, овие бродови морале да ја обиколат цела Африка, пред да стигнат до дестинацијата.
Поради ова, многу експерти стравуваат дека ако наскоро не се тргне бродот, можно е да се очекува огромна финансиска загуба, но и поскапување на многу продукти чиј транспорт зависи од каналот. Наводно, над 300 товарени бродови чекаат да се реши проблемот, а неколку веќе тргнале по стариот пат, односно околу Африка.
Според одговорните за каналот, бродот се заглавил поради силни ветришта и песочна бура која ја намалила видливоста. Поради неповолните временски услови, бродот скршнал од својот пат и се заглавил на едниот брег.
На видеото можете да погледнете симулација од движењето на бродот пред да влезе во каналот, зедно со судирот на брегот:
https://www.youtube.com/watch?v=VdLABU_0TBg
Бидејќи станува збор за огромен брод, со должина од околу 400 метри, неговото одглавување се покажа како вистински предизвик и трае веќе една недела. Цели шест денови околу бродот има багери кои отстрануваат песок со цел да го одглават бродот.
Според најновите информации, благодарение на плимата и напорната работа, сега бродот е делумно одглавен и експертите се надеваат дека до утре целосно ќе го ослободи каналот.
Сепак, многумина се сомневаат дека бродот е премногу тежок за успешно извршување на операцијата, па стравуваат дека ќе треба да се тргнат сите 20.000 контејнери од него. Ова е уште посложена операција која, наводно, би можела да потрае неколку денови, па дури и недели.
Иако одговорните за каналот тврдат дека причината за заглавувањето се неповолните временски услови, жителите од Суец изјавуваат дека имало и полоши бури, кои не им предизвикувале вакви проблеми на бродовите. Жителите нагласуваат дека властите им забраниле да му се приближуваат на бродот, како и да го фотографираат.
Спирова С. | Црнобело