„Носете што сакате“ – 56-годишна инфлуенсерка им возврати на критичарите кои ѝ велат дека се облекува како тинејџерка
- Детали
- петок, 08 јануари 2021
Кога еден корисник ѝ напишал на 56-годишната Лони дека се облекува како тинејџерка, таа решила да му одговори со видео на TikTok.
Лони Пајк е TikTok ѕвезда која има и свој блог, наречен Gray Hair and Tattoos (седа коса и тетоважи). Таа е 56-годишна жена која не дозволува годините да влијаат врз неа и сака да му докаже на светот дека и на таа возраст можете да се облекувате „младешки“, да имате тетоважи и да изгледате одлично.
Повеќето луѓе ја следат токму поради тоа – таа ги инспирира и ги учи да не се грижат за годините, туку само да си го живеат животот и да носат облека каква што сакаат.
Нормално, постојат и луѓе кои ја критикуваат Лони за нејзиниот избор на облека и таа неретко се соочува со злобни коментари, од кои повеќето ги игнорира. Но, сега решила да се огласи во врска со нив.
Откако еден корисник ѝ напишал коментар дека е премногу стара да се облекува како тинејџер, Лони му одговори со видео на TikTok, кое досега има над 1,8 милиони прегледи.
Во видеото Лони носи маичка на кратки ракави, црни панталони, колан со интересен дезен и мартинки, и објаснува зошто туѓото мислење не треба да ве сопре да го правете она што сакате.
„Обично не одговарам на вакви коментари бидејќи, искрено, не ми е грижа што мислат другите. Но, ова не им дозволува на некои луѓе да се облекуваат како што сакаат. Тоа создава сомнеж во нивната глава. Си мислат: ’Дали луѓето ќе ми судат?‘.
Во чест на облекувањето како тинејџер, еве ја мојата модна комбинација за денес.
Носете го она што сакате, искажете се, дури и ако луѓето сметаат дека се облекувате како тинејџер. Јас го сфаќам тоа како комплимент“, вели Лони во видеото.
@grayhairandtattoos Reply to @jilar6723 OOTD #MyStyle #outfit #fit #ootd #readysetshop #fyp #foryoupage #foryourpage #grayhairandtattoos #winterfit #drmartens #levi #w
♬ Steven Universe - L.Dre
Иако повеќето навистина сметаат дека во одредени години стилот треба да се промени, па затоа го критикуваат нејзиниот изглед, сепак има и такви на кои веројатно повеќето од злобните коментари им се предизвикани поради љубомора бидејќи Лони веќе е ѕвезда на социјалните мрежи. Таа има 49.000 следбеници на Инстаграм, води успешен блог, а на TikTok ја следат над 377.000 корисници и нејзините видеа имаат над 3,6 милиони лајкови.
Иако сметаме дека живееме во послободно општество, факт е дека на некои места луѓето со тетоважи се дискриминирани, а за многумина се и невкусни. Поради ова, Лони често добива прашања во врска со тоа, но вели дека тетоважите не претставуваат никаков проблем.
„Имам одлична работа, јас сум професионалец и сум една од најдобрите во мојата област, па мислам дека нема никакво негативно влијание од тетоважите“, споделува Лони.
Инфлуенсерката вели дека никогаш не им суди на другите според изгледот и сака сите да почнат да го прават тоа. За негативните коментари, пак, вели дека не планира да троши време и нерви.
„Не дозволувам никој да има негативно влијание врз мојот живот. Мојот живот е мој универзум и критичарите немаат право на збор“.