Вистински борец - со 102 години двапати го победила корона вирусот
- Детали
- четврток, 03 декември 2020
Анџелина Фридман од Њујорк е родена во екот на пандемијата со шпанскиот грип, а годинава, на 102-годишна возраст, го победила корона вирусот вторпат.
Анџелина првпат се заразила со корона вирусот во март, кога имала 101 година и поради возраста, приказната за нејзиното закрепнување се најде во многу светски медиуми. Неодамна, пак, кратко откако го прославила нејзиниот 102 роденден, Анџелина уште еднаш го победила вирусот.
Според ќерката на Анџелина, Џоан Мерола, бабичката била во болница во март за сосема друг здравствен проблем, а кога се вратила во домот за стари лица каде што престојува, ѝ кажале дека е позитивна на вирусот.
Анџелина се изолирала во нејзината соба и неколку недели имала повремена треска. Конечно, на 20-ти април, таа добила негативен тест за вирусот.
Кон крајот на октомври Анџелина била во домот за стари лица, кога оттаму ѝ се јавиле на ќерката за да ѝ соопштат дека нејзината мајка повторно е позитивна.
„Имаше симптоми – треска, сува кашлица … Лекарите мислеа дека има и грип“.
Тој период голем дел од вработените во домот, заедно со некои пациенти, биле во изолација и редовно биле тестирани за вирусот. На 17-ти ноември, Анџелина добила негативен резултат на тестот. Откако ѝ бил направен уште еден тест, таа била тргната од изолација.
Иако Анџелина е речиси потполно глува и има проблеми со видот, таа го живее животот со полни гради, а докажа дека ниту две пандемии не можат да ја запрат.
Анџелина е родена во 1918 година, во екот на пандемијата со шпанскиот грип, на брод кој патувал од Италија кон Њујорк.
Мајка ѝ починала за време на породувањето, а нејзините две сестри се грижеле за неа дури да стигнат во Њујорк. Лекарите сметаат дека тогаш таа веројатно не се заразила со шпанскиот грип. Во минатото, Анџелина имала и рак, во ист период со нејзиниот сопруг. За жал, тој не ја преживеал болеста.
Од 11-те браќа и сестри на Анџелина, денес само таа е жива.
Мерола вели дека мајка ѝ секогаш им го подобрува расположението на сите околу неа, сака да плете, а за 101-иот роденден ѝ организирале и голема роденденска забава.
„Таа не е најстарата личност што го преживеала вирусот, но дефинитивно е најстарата личност што го преживеала двапати“.
Спирова С. | Црнобело / Фото: Facebook