„Можеме да ги допреме автомобилите од тераса“ – Во Египет се гради надвозник на половина метар од станбени згради
- Детали
- петок, 15 мај 2020
Деновиве, на социјалните мрежи се појавија фотографии од пат што се гради во Каиро. Она што им го привлече вниманието на сите е местоположбата на истиот, наменет за автомобили.
Имено, според она што го кажуваат тамошните жители во коментари, растојанието помеѓу новиот пат и зградите е едвај половина метар.
Со овој проект, луѓето кои живеат во околните гради постојано ќе ја слушаат вревата од автомобилите на патот, но и ќе дишат многу позагаден воздух. Оние, пак, кои живеат на долните катови, сега се буквално под новиот автопат.
https://twitter.com/aassddf1234567/status/1259960537192038403
Според изворите на Arab News, околните згради биле направени нелегално, па откако ќе заврши изградбата на мостот, ќе бидат рушени.
Според информациите, мостот ќе биде долг 12 километри, а широк 65,5 метри и неговата изградба би чинеа 317 милиони долари. Според главниот на Централната агенција за конструкција во Египет, Махмуд Насар, овој мост бил неопходен и ќе му биде од голема корист на соседството.
Насар додава и дека на луѓето кои живеат во зградите ќе им биде даден надомест. Сепак, жителите се бунат за близината на патот, велејќи дека ќе можат да ги допрат автомобилите од тераса, а сопственик на една од зградите тврди дека градбите се легални и никој нема право да ги руши.
Истовремено, дури и ако навистина ги рушат зградите и ги преселат станарите, тоа веројатно ќе потрае. Па, на очајните жители, на кои им е нарушена и приватноста поради изградбата, ќе мора да ги трпат сите последици.
Веројатно изградбата на мостот ќе продолжи по план, но луѓето на социјалните мрежи од целиот свет стојат на ставот дека ова е неодговорно и непромислено.
Спирова С. | Црнобело / Фото: El Soadaa Group