Прељубнички скандал во Британија: Главниот епидемиолог во изолација со посети од љубовницата
- Детали
- среда, 06 мај 2020
Професорот Нил Фергусон, до неодамна член на научниот совет на британската влада, се повлече од ова тело затоа што се дозна дека го прекршил правилото за карантин во Велика Британија за кое се залагаше и тој самиот.
51-годишниот епидемиолог и математичар на колеџот „Imperial“, беше еден од клучните луѓе кои го советуваа британскиот премиер Борис Џонсон да се откаже од опуштениот пристап во борбата со корона вирусот и идејата за колективен имунитет и да ја затвори земјата со мерки за изолација.
Фергусон му покажал математички модел на Џонсон според кој Ковид-19 би можел да биде погубен за 250.000 животи.
И покрај неспорната стручност на овој професор, неговиот углед комплетно го наруши скандалозната афера која ја разоткри британски „Daily Telegraph“.
Откриено е дека за време на карантинот, него го посетувала 38-годишната љубовница Антонија Статс, која е мажена и има две деца. Баналното е што додека си се гледал со госпоѓа Статс, секојдневно давал совети колку е важно да се придржуваат сите до мерките и да го почитуваат социјалното дистанцирање.
Антонија имала отворен брак со сопругот и не смета дека згрешила кога го посетувала докторот.
Фергусон се извини на јавноста:
„Направив грешка. Бев уверен дека сум имун на вирусот – откако бев тестиран позитивен, потполно се изолирав во период од две недели и не добив никакви симптоми. Длабоко жалам што со своето однесување одев наспроти јасната порака за социјално дистанцирање со кое се контролира оваа епидемија. Владините упатства навистина служат за да нè заштитат сите нас.“
Е. П. | Црнобело