Маж осуден откако силувал девојка во воз, а никој од патниците не реагирал - Детали за случајот што ја потресе Британија
- Детали
- среда, 13 декември 2023
Рајан Џонстон е осуден на 9 години затвор од страна на судот во Лондон, откако во 2020 година силувал жена во воз во метро, пред очите на други патници. Тие, пак, не направиле ништо да ѝ помогнат и само гледале што се случува.
Кралскиот суд во Лондон го осуди 37-годишниот Рајан Џонстон на 9 години затвор и уште 5 години условна казана, пренесоа британските медиуми.
Тој беше обвинет за силување, обид за силување и уште две точки за сексуален напад, како и за навреда на јавната пристојност во однос на друга личност што го пријавила.
Според Sky News, Џонстон бркал две жени до нивниот дом, откако тие забележале дека тој мастурбира додека гледа низ прозорецот на куќа во близина на метро станицата Bounds Green, околу 5 часот наутро, на 23 февруари 2020 година.
Тие успеале да избегаат, а тој почнал да тропа на нивната врата, па дури и ја ставил раката низ отворот за писма во вратата кога тие влегле во куќата. Бидејќи не успеал да влезе внатре, Џонстон си заминал.
Тој се качил на возот на метро линијата Piccadilly околу три часа подоцна.
Таму ѝ пришол на млада жена која спиела во возот. Џонстон сексуално ја нападнал, а потоа и ја силувал 20-годишната девојка која се враќала дома од вечерно излегување со пријателите, и сето тоа пред другите патници во возот.
Она што ја шокира јавноста е тоа што никој од патниците не се обидел да ѝ помогне на девојката.
Француски државјанин кој патувал со својот 11-годишен син бил сведок на нападот, а подоцна пријавил во полиција.
Камерите не успеале да го снимат нападот, па полицијата не можела да ја идентификува жртвата во моментот на нападот.
Џонстон бил уапсен две години подоцна, во декември 2022, во затворот Brixton, каде што служел казна за грабеж.
Британската полиција го идентификувала откако прегледувале стари случаи на силување, а потоа успеале да ја идентификуваат и жртвата.
Францускиот државјанин кој го пријавил случајот сведочел на судењето и помогнал да се отфрлат тврдењата на Џонстон дека ја познавал девојката и дека таа се согласила да имаат секс.
„Дрскиот напад на Џонстон пред сведоци го истакнува неговиот недостаток на срам или каење за неговите постапки, нешто што продолжи во текот на неговото судење.
Неговите развратни дејствија ќе имаат доживотно влијание врз жртвата, но и врз оние кои биле сведоци на настанот.
Се надевам дека сега ќе можат да најдат утеха во фактот што правдата е задоволена“, рекол по изрекувањето на пресудата инспекторот Пол Атвел кој го водел случајот.
По пресудата, магазинот Glamour праша преку Инстаграм:
„Зошто никој од патниците не реагирал додека ја силувале девојката?“, што предизвика уште поголем револт меѓу јавноста.
„Тие што не ѝ помогнале се подеднакво виновни и треба да бидат затворени“, стои во коментарите.
А. Ј. | Црнобело