Загадувањето се намалува - За првпат во 30 години, Индијците можат да ги видат Хималаите (фото)
- Детали
- петок, 10 април 2020
Изминативе неколку денови, голем број луѓе од Индија споделија дека за првпат имале можност да ги видат Хималаите од нивните домови.
Како што се намалува нивото на загадување во целата држава, жителите на дистриктот Јаландар во Пунџаб, имаат можност да уживаат во снежните врвови на Хималаите.
Градот е оддалечен околу 200 километри од планинскиот венец.
Социјалните мрежи се преплавени од воодушевените граѓани, а за дел од нив ова е прва ваква глетка во животот.
„Никогаш го немам видено венецот Дауладар од мојот дом во Јаландар. Никогаш не помислував дека тоа е можно. Јасно обележје за влијанието на загадувањето врз мајката Земја“, напишал еден индиски крикет играч.
Never seen Dhauladar range from my home rooftop in Jalandhar..never could imagine that’s possible..clear indication of the impact the pollution has done by us to Mother Earth 🌍.. this is the view pic.twitter.com/laRzP8QsZ9
-->— Harbhajan Turbanator (@harbhajan_singh) April 3, 2020
Индија е држава со околу 1,3 милијарди жители, а од 22-ри март во државата има национален карантин, кој ќе трае до 14-ти април. Строгите мерки и ограничувањата на движењето се критикувани, најмногу поради лошото влијание врз економијата.
Но, мерките очигледно го решаваат проблемот со загадувањето во Индија, која е една од најзагадените држави во светот.
Слична ситуација била забележана во неколку држави, вклучувајќи ја и Кина.
Европската вселенска агенција извести дека уште на крајот на јануари е забележано намалување на загадувањето во Кина, а од почетокот на карантинот, нивото на азот диоксид се намалило за околу 40%.
Спирова С. | Црнобело