Предупредување до туристите во Грција - се шири смртоносен вирус од комарци
- Детали
- среда, 19 јуни 2019
Во Грција има многу регистрирани случаи на вирусот Западен Нил – туристите низ целиот свет предупредени.
Луѓето кои летово патуваат во Грција треба да внимаваат на комарците кои може да се носители на смртоносниот вирус Западен Нил, осамнаа написи во британските и американските медиуми.
Здравствените установи во Грција признаваат дека ова е закана за јавното здравје и дека повеќе од 300 луѓе се инфицирани минатата година.
Симптомите се слични на грип, па се јавува изнемоштеност, болки во телото, осип итн. За него не постои вакцина и поминува сам од себе, но може да биде и смртоносен и да предизвика менингитис, напади, оштетување на нервите и сериозна слабост кај некои луѓе.
Околу 50 Грци починале минатата година од болеста.
Во магазинот Guardian се пишува дека имало значителен број на случаи на заболени од вирусот Западен Нил, па време е за предупредување за туристите.
Минатата година во Грција имало рекордни 316 лица дијагностицирани со вирусот.
Болеста не се пренесува од човек на човек, туку само преку комарци. Некои луѓе може и да не покажат симптоми, но сепак кај некои може да биде опасна по живот.
Се препорачува секој да преземе мерки на претпазливост како носење на блузи со долги ракави, избегнување на места со застојана вода и користење на мрежи и спрејови против комарци.
Вирусот најмногу се ширел во руралните делови околу Солун и регионот Атика, во кој спаѓа и Атина.
С. С. | Црнобело