Крајно време за узбуна: Сибирски хаски влечат санки по вода, наместо по мраз
- Детали
- среда, 19 јуни 2019
Светот уште сега изгледа многу поразлично отколку што мислиме, а оваа фотографија од Гренланд покажува дека многу нешта тргнале на сосема погрешна насока.
Метеорологот Стефен Олсен од Данскиот метеоролошки завод бил на рутинска мисија на северозападниот дел од Гренланд.
Требало да собере метеоролошки инструменти што биле поставени од неговите колеги. Тогаш се соочил со сериозен проблем.
Имено, Стефен не можел да ги види инструментите, бидејќи наместо на снежна покривка, наишол на голема количина вода.
Стефен го фотографирал растопениот мраз. Фотографијата на којашто се гледа како кучиња за влечење санки стојат во вода се прослави многу брзо.
Ова е само уште една многуте фотографии со изгладнети мечки, насукани можрови и пресушени езера кои ги покажуваат катастрофалните последици од глобалното затоплување.
Стефен на неговиот Твитер профил споделил дека заедницата на Гренланд се потпира на замрзнатото море за превоз, лов и риболов. Тој смета дека тие ќе бидат првите жртви на последиците од топењето на снежната покривка, како и дека размерите на катастрофата нема да бидат ограничени само на Гренланд или Северна Америка.
Фотографијата бил направена на 13-ти јуни околу попладне, по локално време. Според Стефен, во тој момент кучињата се наоѓале на морски мраз со дебелина од 1,2 метри кој бил поплавен со растопената површинска вода.
Летната сезона на топење на снегот во Гренланд обично трае од јуни до август. Најголемиот дел од ледената покривка привремено изчезнува во јули, кога времето е најтопло.
Сепак, оваа година, Гренланд изгуби околу 40% од замрзнатата површина уште во јуни.
Научниците веќе со месеци предупредуваат дека оваа година би можело да дојде до рекордно топење на мраз на најголемиот остров на светот, а сега изгледа дека биле во право.
Ситуацијата ќе продолжи да се движи во овој правец бидејќи колку повеќе мраз се топи на почетокот од летото, толку повеќе исчезнува во наредните недели.
Оваа верижна реакција се случува бидејќи белиот снег и мразот ги рефлектираат сончевите зраци, со тоа намалувајќи ја количината на апсорбираната топлина и одржувајќи го мразот студен. Колку помалку мраз има, толку помалку топлина се рефлектира, па се топи сè повеќе мраз.
Сето ова може да ја предизвика една од најголемите опасности од глобалното затоплување – значаен пораст на нивото на морето. Доколку дојде до ова, милиони луѓе кои живеат покрај вода ќе мораат да ги напуштат своите домови.
Според неодамнешно истражување, поради топењето на мразот во Гренланд, од 1972-ра година до денес глобалното ниво на морето се зголемило за 13,7 милиметри.
Спирова С. | Црнобело