Татко ја снимал ќерка си на секој прв школски ден и објавил прекрасно видео од моменти низ годините
- Детали
- четврток, 06 јуни 2019
Кевин Скрагс од Вашингтон цели 13 години ја снимал неговата ќерка на првиот училишен ден. Потоа ги составил сите клипови во едно видео кое го нарекол „13 години интервју на првиот училишен ден“.
За матурската на Медисон, неговата ќерка, тој ја објавил компилацијата на YouTube, која се прославила за многу кратко.
Таткото на Медисон изјавил дека верува дека животот се состои од сеќавања. Неговото сфаќање за животот го инспирирало да ја интервјуира ќерка си секоја година.
„Кога децата тргнаа на училиште, мислев дека ќе биде убаво ако секоја година малку ги испрашувам и го снимам тоа. А кога ќе дипломираат, заедно ќе ја погледнеме компилацијата од тие разговори и ќе се потсетиме на сите моменти“
Кевин веќе има направено ист проект со неговата постара ќерка Мекензи. Видеото од 2017-та година има над 2.3 милиони прегледи на YouTube. Кога видеото нагло се прославило, Кевин изјавил дека бил шокиран.
Не му се верувало колку коментари добил, најмногу бидејќи кога започнал со проектот, YouTube воопшто не ни постоел.
„Беше навистина забавно да се комуницира со други луѓе и ако видеото барем малку ги насмеало, во овој луд свет во којшто живееме, мислам дека тоа е само бонус.“
Иако проектот е навистина популарен, Кевин и неговото семејство не му обрнуваат премногу внимание.
„Не го сфаќаме ова премногу сериозно. Во овој момент е забавно. Ако видеото ги усреќува другите, тогаш ми е драго за тоа.“
Наскоро и Медисон ќе замине на факултет, па Кевин после долго време ќе остане оддалечен од децата.
„Уживавме во времето со децата и ќе уживаме во нивната следна фаза од животот. За мене и за мојата сопруга е вистински благослов да гледаме како растат овие неверојатни млади жени.“
Спирова С. | Црнобело