Писмо на девојка која одбила работа по понижувачко интервју стана вирален хит
- Детали
- петок, 01 февруари 2019
Понуда за работа е нешто што обично луѓето го слават, но тоа не бил случај кај 22-годишната штотуку дипломирана Оливија, која добила понуда за работа во фирма во Манчестер на позицијата асистент за комуникации.
По интервјуто со извршниот директор на компанијата, таа одлучила да ја одбие понудената работа, а причините ги објаснила во писмо до него, кое го објавила на Твитер, со опис:
„Вчера имав интервју за работа во компанијата 'Web Applications UK'. По брутални два часа, во кои директорот Крег ме малтретираше, добив понуда за работа. А ова подолу е мојот одговор.“
https://twitter.com/oliviaabland/status/1090281095805980672/photo/1
Во одговорот вели дека на никој не смее да му се случи после интервју да плаче на автобуска постојка:
„Свесна сум што Крег се обиде да направи и да извлече од мене. Исто сум свесна дека со праќање на овој мејл јас паѓам на тестот и докажувам дека не сум најдобриот кандидат за работното место.
Нешто во мене не ми дозволува да прифатам да работам со маж кој се обидува со сите свои моќи да го извлече тоа што го сака, дури и по цена да ме расплаче. Исто беше многу стратешки чекор сместувањето на луѓе во истата просторија, кои немаат врска со процесот, само за да го засили понижувањето.
Знам дека сите овие нешта кои ги спомнав ќе бидат игнорирани и ништо нема да се смени во фирмата. Имам и некакви очекувања дека ќе добијам одговор од Крег во кој ќе ми објасни зошто сум грешка“, вели таа во мејлот.
Таа ги опишува двата часа на интервјуто, во кое претпоставениот ја убедувал дека не е добра за позицијата, до момент кога се скршила и веќе не можела да издржи. Наведува и дека не би можела тоа да го прави секојдневно.
„Претпоставувам дека треба да се чувствувам привилегирана што ја добив понудата. Искрено? Не сум“, пишува Оливија. Таа е сигурна дека не добиваат сличен мејл првпат.
https://www.instagram.com/p/BliW9UIFVin/?utm_source=ig_embed
За британското издание на „Cosmopolitan“ таа изјавила дека Крег ја пребарувал на интернет и ја знаел нејзината музичка листа на „Spotify“, а во текот на интервјуто ѝ поставувал и лични прашања, како што е брачниот статус на нејзините родители.
Ѝ давал и неиздржани забелешки за нејзината работа на интервјуто и тоа пред други вработени, а на крајот ѝ забележал дека треба да биде попрофесионална, бидејќи забележал дека станува емотивна.
Одлуката да ја одбие работата ја донела поради тоа што кога си отишла од интервјуто, била емоционално и физички исцрпена и не ѝ преостанало ништо друго освен да се расплаче.
Откако ја споделила својата приказна, многу други кандидати се одлучиле да ги споделат и нивните приказни.
Претпоставениот Крег, откако писмото стана вирално, излегол со своја изјава во која вели дека се извинува што ја повредил девојката, но и инсистира дека тоа не била неговата намера.
Сепак, Оливија останала на својот став и смета дека е важно луѓето гласно да го кажат она што не е во ред со општеството, бидејќи со молчење ништо не можат да постигнат.
Е. Д. | Црнобело