Манекенка со солзи во очите: Инстаграм ми го уништи психичкото здравје
- Детали
- сабота, 27 октомври 2018
Искра Лоренс објави фотка каде позира расплакана и без шминка, со сокриена коса под капа и качулка, а на милионите фанови им откри дека доживеала „нервен слом“. Kако главен виновник ја посочи популарната социјална мрежа.
27-годишната британска убавица веќе извесно време се бори со телесна дисморфија, нарушување поради кое личноста е опседната со барање и наоѓање физички мани на себе. А, во оваа прилика, таа проговори за своето ментално здравје и емоционалната состојба.
„Сѐ уште се борам со потребата да објавувам апсолутно сѐ. Се чувствувам хаотично. Изгледам хаотично. А, толку бев потресена од една ситуација која ми случи вчера, што во комбинација со останатите проблеми доживеав нервен слом.“
Ова се зборовите на Искра Лоренс, плус-сајз манекенката чијашто исповед ја лајкнаа речиси 300 илјади луѓе. Додаде дека се одлучила за постирање ваква фотографија, со надеж дека ќе им помогне и на другите што се борат со истите проблеми.
„Инстаграм знае да биде комплетно нереалистичен, вознемирувачки, фрустрирачки. Може да ви го уништи психичкото здравје. Никогаш не ги споредувајте вашата среќа, самодоверба, тело, лице, врски, или успех со било кого на социјалните мрежи. Мноштво луѓе се борат со своите внатрешни демони - јавно или тајно. Никој не е должен да ги сподели на интернет нештата заради кои не се чувствува пријатно. Јас сакам да бидам искрена кон себеси. Да се прифатам со сите мои емоции. И знам дека плачењето е во ред.“
Следбениците ѝ се заблагодарија на искреноста во коментари, праќајќи ѝ многубројни пораки со поддршка: „Ти си навистина неверојатна и имаш прекрасна душа.“, „Се чувствувам појака откако го прочитав ова. Секоја чест за храброста.“, „Ти благодарам за сета твоја сила.“, „Не дозволувај никому да те скрши. Секогаш мора да одиш со крената глава, без оглед на тоа какви удари ти задава животот.“
М. А. | Црнобело