Опасноста демне: 4 нешта што треба да ги знаете за пожарите
- Детали
- сабота, 04 август 2018
Ова лето во многу делови од Земјата е нетипично топло, а опасноста од пожари демне насекаде, особено во шумите.
Оваа година од шумски пожари беа зафатени делови од Скандинавија, а водата на Северното и Балтичкото Море е толку стоплена, што еколозите предупредуваат дека се развиле ризични микроорганизми, опасни по здравјето на луѓето.
Неодамна и Балканот беше погоден од огромна трагедија, кога во соседна Грција целосно изгоре летувалиштето Мати во близина на Атина, а уништени се и голем број околни места.
Поради високите температури, опасноста демне и во други делови од Европа. Затоа, прочитајте ги овие четири нешта кои треба да ги знаете за пожарите, за да би можеле соодветно да реагирате доколку се најдете во опасност.
Како се шири пожарот?
Разгорен пожар е како жив организам. Кога има оган, воздухот наоколу се загрева, како и тлото. Тоа создава мешање на воздушните маси и појава на ветрови. Со тоа започнува маѓепсан круг - колку повеќе ветер и запаливи нешта има во околината, толку побрзо оганот се шири. Кога се во прашање шумските пожари, тие најбрзо се шират поради бујната вегетација наоколу.
Како пожарот се шири низ населените места?
Доволно е само мало пламенче да допре до запалива површина, за да се предизвика пожар кој за неколку минути може да изгори цела куќа. Поради тоа, во населени места, големиот пожар е помала опасност, бидејќи е лесно забележлив и може да се интервенира во негово гаснење. Но, кога е ситно пламенче или жарче, може да помине многу време додека да биде забележано и да направи огромна штета додека да пристигнат пожарникарите.
Што да се прави кога недалеку има пожар?
Дури и огнот да е далеку, најдобро е да се евакуираат оние кои се географски најблиску до него. Евакуацијата никогаш не смее да се случи предоцна, бидејќи доволно е ветерот малку да го смени правецот и огнот да се насочи кон населба.
Како да се запрат шумските пожари?
Во најголем дел од случаите, дури и при најпрофесионална противпожарна служба, природата е таа која одлучува кога ќе се смири ветерот и ќе заврне дожд. Единствено што можат пожарникарите да направат е да го локализираат пожарот и да се посветат на заштита на околното население.
Е. Д. | Црнобело