Меланија Трамп се закани со тужба за контроверзните билборди среде Загреб
- Детали
- среда, 20 септември 2017
Пред неколку денови, во Загреб беа поставени билборди со контроверзен слоган и ликот на првата дама на САД, Меланија Трамп.
Станува збор за маркетинг кампања на едно приватно училиште од Загреб кое промовира учење англиски јазик.
На билбордите има фотографија од Меланија со американското знаме во позадина, и слоган: „Замислете колку далеку можете да стигнете ако знаете барем малку англиски“.
Адвокатот на Меланија од Словенија веднаш побара да се тргнат билбордите и се закани со тужба против училиштето.
Од училиштето изјавија дека им е жал што оваа маркетинг кампања се сфатила на погрешен начин и дека нивната намера не била да ја навредат Меланија Трамп и тоа што таа го постигнала во животот, туку напротив, да ја покажат како пример за младите.
Сепак, билбордите беа веднаш тргнати, а кампањата сепак беше успешна со оглед на големото медиумско внимание што го привлече не само во Хрватска, туку и во светот.
М. В. | Црнобело