„Оваа авантура која ја нарекуваме живот е кревка“: Писмо на една жена која ја загубила битката со ракот
- Детали
- вторник, 22 декември 2015
Хедер МекМанами открила дека има рак на дојката во 2013-та година, а на 36-годишна возраст таа починала. Но, пред да се случи тоа таа го замолила својот сопруг Џеф да објави писмо на нејзиниот Фејсбук профил.
Што таа порачува на сите луѓе:
„Имам добри и лоши вести. Лошите вести – мртва сум. Добрите вести – тоа што моментално го читате ова писмо значи дека вие дефинитивно не сте (освен ако немаат Wi-Fi и во живот после смртта).
Да, ова што ми се случи е трагично, но драго ми е што живеев исполнет живот, со љубов, радост и неверојатни пријатели. Среќна сум што искрено можам да кажам дека не се каам за ништо во животот, ја потрошив цела моја енергија и го живеев животот. Ве сакам сите и ви се заблагодарувам за овој неверојатен живот.
Без оглед на тоа која религија ти носи утеха, среќна сум што можеш да ја најдеш некаде.
Но, ве молам почитувајте го тоа што јас не сум религиозна. Ве молам не ѝ кажувајте на Бриана дека сум отишла во рајот. Во нејзиниот ум тоа значи дека јас сум одбрала да бидам на некое друго место, а не со неа. Ве молам не ја збунувајте, затоа што јас не сум во рајот. Јас сум тука, но повеќе не сум во ова тело кое се сврте против мене.
Мојата енергија, мојата љубов, мојата смеа и неверојатните сеќавања се тука покрај вас. Ве молам не се присетувајте на мене со тага и сожалување. Насмевнете се, знаејќи дека сме поминале одлично време заедно. Мразам кога луѓето се тажни поради мене. Повеќе од сè, сакам да ги смеам луѓето, па ве молам, наместо да се растажувате сетете се на убавите моменти и смејте се на интересните случки низ кои сме минале заедно.
Ве молам раскажувајте и приказни на Бриана за да знае колку ја сакам и колку ќе бидам горда на неа засекогаш. Секој момент поминат со неа беше среќен, бидејќи нема ништо на светот што повеќе сакам отколку да бидам нејзина мајка. Ништо. Секој момент со неа беше среќен.
И не кажувајте дека сè сум загубила со ракот, тој не успеа да ми ја одзеде љубовта. Можеби ми зема речиси сè, но не и љубовта, надежта и среќата. Не беше „борба“, туку само живот кој најчесто е брутален и сосема случаен. Не загубив! Проклетство! Начинот на кој успеав да живеам со ракот со години, го гледам како победа.
Ве молам запомнете го тоа.
Што е најважно, бев среќна што можев да поминам цела декада со мојот најдобар пријател и љубовта на мојот живот, Џеф. Вистинската љубов и сродните души постојат. Секој ден со Џеф ми беше ден исполнет со радост и љубов. Тој е најдобриот сопруг на целиот свет. Никогаш не се откажа, ниту избега додека јас се мачев со ракот. Го сакам повеќе од сè. Не би можела да си го замислам животот без него. Времето поминато со него беше најдрагоцено за мене.
Верувам дека Бриана е жив производ на нашата љубов.
Ми се крши срцето што морам да кажам збогум. Повеќе отколку на вас, затоа што последната работа која сакам да се случи е да бидете тажни поради мене. Се надевам дека со текот на времето ќе можете да се присетите на мене и да се насмевнете.
Пребарајте на интернет google Physicist’s Eulogy и ќе знаете дека научно е докажано дека јас ќе бидам секогаш покрај вас. Вие сте мојот свет и се гордеам на секоја секунда што ја поминав со вас.
Пријатели, сите ве сакам и ви благодарам за инспирацијата која ми ја дадовте во животот. Благодарам и на сите доктори и сестри кои се грижеа за мене. Не се сомневам дека тимот даде сè од себе. Од дното на моето срце им посакувам на сите долг и среќен живот и се надевам дека секој ден ќе го цените.
Ако дојдете на мојот погреб, ве молам земете кригла пиво со вас и наздравете. Славете ја убавината на животот со забава, бидејќи знаете дека тоа е сè што сакам, а и дека на некој начин ќе бидам покрај вас.
Ќе ве прогонувам, па ова не е збогум, туку само ве молам направете ми услуга и одвојте неколку минути во текот на денот за да сфатите колку оваа авантура која ја нарекуваме живот е кревка. Никогаш не заборавајте - Секој ден е важен!“
Hello all, I am posting this on behalf of the love of my life. These are her words. Much love to all. - Jeff...
Posted by Heather McManamy on Tuesday, December 15, 2015
Hello all,I am posting this on behalf of the love of my life. These are her words. Much love to all. - Jeff...
Posted by Heather McManamy on Tuesday, December 15, 2015