Крај на бесплатни Google вести
- Детали
- четврток, 03 декември 2009
Интернет гигантот Google на своите корисници ќе им го ограничи бројот на вести кои можат бесплатно да ги прочитаат на нивната интернет страница.
Од Google порачаа дека ги менуваат поставките на прогрaмата First Click Free, така што корисниците нема да можат да прегледаат повеќе од пет страници дневно.
Оние кои ќе посакаат да прочитаат повеќе од тоа ќе бидат пренасочени кон процедурата за плаќање на овие услуги и регистрација за истите.
Продукт менаџерот на компанијата во однос на овој потег изјави: "Досега секој клик на корисниците беше третиран како бесплатен. Сега ја надоградивме програмата така што издавачите можат да ги ограничат корисниците на лимит од пет страници дневно без регистрација или претплата."
Корпорацијата News Corp, на чело со Rupert Murdoch, претходно се закануваше дека ќе го блокира пристапот на Google кон нивните весници, обвинувајќи ги дека заработуваат на туѓата напорна работа и финансиски вложувања.
"Ќе бидам непријатен и ќе кажам - тоа е вистинска кражба. Квалитетното новинарство е скап производ. Критичарите велат дека луѓето нема да сакаат да плаќаат, но јас верувам дека ќе сакаат", вели Rupert Murdoch.