Нов светски рекорд во фрлање на мобилен
- Детали
- понеделник, 20 август 2012
Финецот Ере Карјалаинен победи на светското првенство во фрлање мобилен телефон поставувајќи нов светски рекорд во оваа дисциплина, соопшти во неделата финската државна телевизија YLE.
„Новиот светски рекорд е поставен кога 18-годишниот Ере Карјалаинен ја фрли старата ‘Нокиа’ 101,46 метри далеку“, наведе телевизијата YLE на својата интернет страница.
Организаторите истакнуваат дека натпреварувањето е целосно еколошко, бидејќи овозможува рециклирање на застарените модели мобилни телефони.
Исто така, ова „натпреварување“ претставува шанса за празнење на учесниците, бидејќи им овозможува да ги изразат своите фрустрации и разочарувања од овие модерни апарати, вели организаторката на натпреварувањето Кристине Лунд на официјалната интеренет страница на натпреварувањето.
Дисциплината е одредена со строги правила и учесниците не ги фрлаат во далечина сопствените мобилни телефони, туку оние коишто тежат меѓу 220 и 400 грама. Не е утврдена досега никаква поврзаност меѓу големината и тежината на мобилните и успешноста на исфрлувањето.
Телевизијата YLE, исто така, наведува дека момчето рекордер не тренирало за натпреварувањето.
Неговиот резултат за три метра го надминува светскиот рекорд на Јан Железни во фрлање копје поставен уште во 1996 година.
Првенството од 2000 година се одржува секоја година кон крајот на август во местото Савонлинни во источна Финска.
20.08.2012 (Макфакс)