Францускиот пливач без екстремитетите го заврши пливањето околу светот
- Детали
- сабота, 18 август 2012
Пливачот од Франција, Филип Круазон, кому пред 16 години му се ампутирани рацете и нозете, пливаше меѓу американскиот остров Мал Диомид и неговиот руски „имењак“ Голем Диомид, со тоа завршувајќи го своето патешествие околу светот, коешто започна во мај.
Како што пренесе во саботата францускиот телевизиски канал RTL, Филип Круазон останал без екстремитети откако доживеал извонредно моќен струен удар. Тогаш лекарите морале да му ги ампутираат и двете раце и двете нозе. Меѓутоа, Филип не ја изгуби силата на духот и со помош на специјално дизајнирани протетски помагала одлучи да се справи со навидум невозможното: симболично да ги поврзе петте континенти, препливувајќи ги теснеците и каналите коишто ги раздвојуваат.
Овој подвиг Круазон го најави во април 2012 година, а уште во мај започна со неговото остварување.
Пред препливувањето на последната етапа од САД до Русија, Филип Круазон претходно преплива од Папуа Нова Гвинеја до Иднонезија, соединувајќи ги Океанија и Австралија, потоа го мина Црвеното Море, со што ги поврза Африка и Азија, како и теснецот Гибралтар, кој ја дели Европа од Африка.
Ноќта кон саботата Французинот го заврши своето патување од САД до Русија, поврзувајќи ги Азија и Америка. Својот потфат за поврзувањето на петте континенти, Круазон, како и што планираше, го заврши пред почетокот на Параолимписките игри во Лондон 2012 година.
18.08.2012 (Макфакс)