Заборавена во воз скапоцена виолина на Страдивариус
- Детали
- среда, 01 август 2012
Многу вредна виолина Страдивариус, која во воз во Швајцарија ја заборавил расеан патник, е предадена во биро за пронајдени работи, ден ипол откако била изгубена на железничката станица во Берн, соопшти кантоналната полиција.
Заборавениот виолинист, притоа, го имал позајмено скапоцениот музички инструмент. Минатиот петок вечерта тој се симнал од воз во Берн и ја ставил виолината во футрола во возот. Сфатил што сторил дури кога возот заминал и се јавил во полицијата.
Контролорот безуспешно го пребарувал возот, но по прегледот на снимките на безбедносните камери, објавена е снимка на патник кој излегол од возот со инструментот во раце на железничката станица во Кехрсац Норд.
За помалку од 24 часа подоцна виолината непознато лице ја предало во бирото за изгубени/пронајдени предмети во Берн.
Швајцарската полиција не ги открива имињата на инволвираните личности, ниту вредноста на инструментот.
Во 2008 година, виолинист ја остави својата виолина Страдивариус проценета на 3,2 милиони евра во задниот дел од њујоршко такси. Таксистот ја врати веднаш виолината на нејзиниот сопственик.
Виолина Страдивариус, а ги има уште околу 600 виолини коишто потекнуваат од работилницата на познатиот италијански мајстор занаетчија Антонио Страдивари, во зависност од периодот, може да чини и повеќе милиони евра. Така, во текот на аукција во добротворни цели за жртвите од катастрофалниот земјотрес и цунамите коишто ја погодија Јапонија во март 2011 година, одржана во Лондон во 2011 година, една таква виолина беше продадена за повеќе од 11 милиони евра.
01.08.2012 (Макфакс)