Семеен пат околу светот
- Детали
- петок, 11 мај 2012
Не препорачуваме да го читате ова ако уште не сте ни решиле каде ќе одите на одмор. Ова семејство го живее сонот што на секој од нас му се мотка низ глава.
Fleur и Fernando кои до неодамна живееле во Шпанија, се заситиле од рутината и осум часовното работно време, па одлучиле да си ја исполнат најголемата заедничка желба.
Продале сѐ што поседуваат, си купиле кампер и тргнале на пат околу светот. Младиот брачен пар патува со своите две мали дечиња, а главната цел им е да поминат убав период на семејно зближување и дружење, истовремено запознавајќи туѓи култури и учејќи ги своите деца дека не постои само еден правилен начин на живот.
Во својата куќичка на тркала понеле само малку облека, храна, домашната колекција книги, основни алати и играчки за дечињата. Почнувајќи од Франција, првата етапа на патувањето ги опфаќа Европа и Азија, за втората се планирани Јужна и Северна Америка, а за завршната трета етапа голема прошетка низ Африка.
Нивната голема авантура може да ја следите преку блогот www.viviendonuestravida.com. Им посакуваме среќен пат и убаво патешествие, а вам (па и нам) среќа и доволно храброст за исполнување на сопствените животни соништа.
З.П. | Црнобело