Реално шоу со смртна казна
- Детали
- петок, 16 март 2012
Реално шоу во кое наместо избирање нова поп-сензација се интервјуираат осуденици на смртна казна изгледа навистина неверојатно, но е вистинито.
Најоригиналната идеја меѓу илјадниците реални ТВ формати звучи болно, но продуцентите сметаат дека може да биде корисна. Главната намера е емисијата да биде поучна и да служи како предупредување фокусирајќи се на последиците за извршено злосторство.
Серијалот разговори со затвореници во Кина се емитувал од 2006 година до минатата недела, а сега американски и британски телевизии подготвуваат документарни емисии посветени на бизарниот феномен.
Секоја недела новинарката Ding Yu разговарала со по еден затвореник осуден на смртна казна, а честопати буквално непосредно пред погубувањето.
Затворениците детално ги опишувале своите злодела, се каеле и често барале прошка. Затворениците ја ценат идејата за ваква емисија бидејќи инаку немаат кому да се обратат и најчесто ова им е единствена прилика да се збогуваат со семејствата.
Досега само петмина ја одбиле понудата за разговор, а одлука на креаторите на шоуто е да претставуваат само случаи со убиства не вклучувајќи било каков криминал со политички елементи. Затворениците велат дека им е драго што ќе бидат слушнати, водителката вели дека ги сожалува, но не сочувствува со нив, а народот очигледно сака да ги гледа - шоуто има 40 милиони гледачи!