Маж заглавен во делот за рачен багаж во авион, по силни турбуленции: „Патниците без појас излетаа од седиштата“
- Детали
- среда, 03 јули 2024
На лет од Шпанија до Уругвај, авион се соочил со интензивни турбуленции поради што биле повредени најмалку 30 патници, а еден од нив дури и се заглавил во делот за рачен багаж.
Пред околу еден месец, во авион на авиокомпанија од Сингапур загина патник поради силни турбуленции.
Сега, во слична ситуација се нашле патниците во авион на Air Europa, но овој пат, за среќа, немало загинати.
Сепак, најмалку 30 патници биле повредени кога авионот се соочил со турбуленции додека летал над Атлантикот.
Авионот полетал во понеделникот (01.07) од Шпанија, а крајната дестинација била Уругвај и во него имало 325 патници.
Но, поради турбуленциите и повредените патници, пилотот бил присилен да го слета авионот во североисточниот дел на Бразил.
Според еден од патниците, пилотот дал предупредување за турбуленции и им рекол на патниците да ги врзат безбедносните појаси. Но, не секој го послушал.
„Помина многу време по известувањето и имаше многу слаба турбуленција, едвај ја почувствувавме.
Но, во еден момент авионот како да почна да паѓа. Оние кои немаа ставено појаси, излетаа од седиштата“.
Друг патник вели дека целото искуство било како од хорор филм.
„Чувствував ужасен страв, знаев дека паѓаме и како да немаше крај.
И, свесен бев дека паѓаме со огромна брзина. Ми беше јасно дека ако авионот падне на земјата, ќе умреме“.
На Твитер е споделено и видео на кое се гледа дека еден од патниците се заглавил во делот за рачен багаж.
На други фотки и видеа се гледаат скршени седишта, но и траги од крв на места каде што се удриле патниците.
„Имаше патници со скршеници и повреди на рацете, лицето, нозете… Мислевме дека ќе умреме, но фала Богу не се случи тоа“, вели друг патник.
Од авиокомпанијата велат дека авионот слетал безбедно, а медицински лица се погрижиле за повредените патници.
Не е познато зошто пилотот изгубил контрола за време на турбуленциите, но авионот е на компанијата Boeing, која некое време се соочува со слични катастрофи.
Отворени врати и авионски тркала кои паѓаат среде лет се само мал дел од инцидентите поврзани со авионите на познатиот производител.
Повеќе фотки и видеа од турбуленциите:
Спирова С. | Црнобело