Морничаво видео: Исплашен патник снима откако Boeing авион почнал да паѓа надолу
- Детали
- петок, 15 март 2024
Од јануари, неколку Boeing авиони се соочија со инциденти вклучувајќи запален мотор, отворена врата среде лет, па сега и нагло спуштање на авионот надолу – морничав настан од кој има и видео на кое се гледаат исплашените патници.
Во понеделникот (11.03) патниците на авиокомпанијата LATAM Airways се соочиле со интензивни турбуленции и повеќето биле сигурни дека авионот ќе се сруши.
Авионот, кој летал од Сиднеј до Окленд, е само еден од неколкуте Boeing авиони со кои се случиле инциденти во последно време.
За среќа, во последниот инцидент нема жртви, но имало повредени патници.
На официјалниот Инстаграм профил на Daily Mail e споделено и видео од патник кој мислел дека нема да преживее.
„Ова е моментот кога Boeing авион почнал нагло да се движи надолу, што ги преплашило патниците, а еден маж го снимал ’последното‘ видео за мајка му, во случај да не преживее.
13 луѓе се однесени во болница, а за еден патник се верува дека е во сериозна состојба“.
Еден од патниците се огласил за американските медиуми:
„Луѓе викаа исплашено, имаше повредени на сите страни. Сите само удривме на таванот, па паднавме на подот“.
Според Daily Mail, други патници го опишале искуството како сцена од хорор филмот The Exorcist.
Иако на првото видео пишува дека има 13 повредени, во понова објава, Daily Mail открива дека бројката е околу 50.
Претходно, кон крајот на февруари годинава, друг Boeing авион полн со патници имал инцидент.
На лет од Сан Франциско до Бостон, се оштетило едното крило на авионот по што тој принудно слетал во Денвер.
Оштетеното крило е снимено од еден од патниците кој вели дека сакал да спие, но почувствувал дека авионот се тресе.
Тој вели дека едниот од пилотите најавил дека авионот имал мало оштетување на крилото, поради што ќе слета во Денвер.
Тогаш патникот ја тргнал пластичната преграда на прозорецот и го видел оштетеното крило.
Авионот слетал безбедно, а патниците биле префрлени во друго летало за да стигнат до Бостон.
Во јануари, пак, имаше уште еден инцидент со Boeing авион – среде лет, се отворила една од вратите за итен случај на авионот.
Тогаш телефоните, па дури и облеката на патниците излетала низ вратата, додека пилотот панично се обидувал да слета.
Но, и минатата недела имаше инциденти, како лабави штрафови на авионите.
Во Тексас имаше и авион чиј мотор се запалил среде лет, а на друг авион му паднало тркалото кратко по полетувањето.
Тркалото паднало врз автомобил и за среќа никој не бил повреден.
Акциите на компанијата се драстично паднати, а наводно некои патници веќе поднеле тужби против Boeing.
Спирова С. | Црнобело