„Пред 6 години бев бездомничка и спиев на аеродром, денес сум милионерка“
- Детали
- среда, 10 април 2024
„Имав идеја и барав инвеститори. Отидов на безброј состаноци и никој не ни беше свесен дека сум бездомничка“, раскажува жена од САД чија животна приказна потсетува на филмот The Pursuit of Happyness.
Арлан Хамилтон од САД денес е милионерка, но пред само шест години, таа била бездомничка која спиела на аеродромот во Сан Франциско.
Денес таа работи во фирмата што ја основала самата, а која им нуди финансиска помош на стартап компании, во замена за акции во истите.
Таа се фокусира на компании за кои мисли дека другите инвеститори ги потценуваат, како и на компании основани од луѓе од малцинства, како Афроамериканци.
Таа вели дека нејзиното детство, но и нејзиниот живот до пред неколку години, биле многу поразлични од сега.
Арлан пораснала со самохрана мајка и постојано се грижеле за пари. Добивале социјална помош од државата за храна, а Арлан живеела на овој начин до нејзините рани 30-ти.
„Никако не можевме да испливаме на површина и поголемиот дел од животот не знаев дали ќе можам да си дозволам кров над глава.
Во моите рани 30-ти, живеев во хотел со мајка ми, кога одлучив дека сакам да основам компанија“, раскажува Арлан.
Таа почнала да размислува како да најде инвеститор или да допре до некаков фонд за да ги финансира нејзините идеи.
Во 2015 година, Арлан не можела да отседнува во хотел, па спиела на аеродромот во Сан Франциско, а дотогаш веќе три години работела на нејзината идеја.
И, тогаш конечно добила пари од инвеститор.
„Добив 25 долари да почнам со работа. Но, ова беше по три години тропање по врати, одење на состаноци... И, никој не знаеше дека сум бездомничка“.
Арлан верува дека се истакнала кај инвеститорите бидејќи одлучила да се фокусира на Афроамериканците.
„Им реков дека Афроамериканците можат да постигнат многу, со малку ресурси. Па ги прашав – што ако им дадеме повеќе? Што би можеле да постигнат тогаш?“
По уште бројни состаноци, Арлан добила и други инвеститори, вклучувајќи го и познатиот бизнисмен Марк Кубан кој вложил шест милиони долари во нејзината компанија.
Сега, Арлан верува секој може да научи како да стане милионер.
„Првото нешто е промена на начинот на размислување. Во полна просторија, сум ги прашувала присутните: ’Кој мисли дека може да стане милионер?‘ и многу малку луѓе креваа рака.
Што значи, прво треба да верувате дека можете да станете милионер“, советува таа.
Арлан има издадено и две книги во кои ја раскажува својата приказна, но споделува и совети засновани на нејзиното искуство.
Спирова С. | Црнобело